Самитот се одржува на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк
Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на Виртуелниот глобален самит за борба против ковид-19: Крај на пандемијата и закрепнување, организиран од претседателот на САД, Џо Бајден.
Самитот се одржува на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.

Пендаровски синоќа во Њујорк се сретна со поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли.
Шефот на државата на Фејсбук објави дека му се заблагодарил на Бејли за постојаната поддршката што земјава ја добива од САД.
„Во Њујорк се сретнав со поранешниот американски амбасадор во нашата држава Џес Бејли. Разговаравме за актуелните состојби во Северна Македонија и за случувањата во поширокиот регион. Му се заблагодарив за континуираната и безрезервна поддршка којашто САД ѝ ја дават на Република Северна Македонија“,
напиша Пендаровски во објавата на Фејсбук.
Денеска Пендаровски објави дека го посетил и музејот во спомен на илјадниците жртви на терористичките напади од 11 септември 2001 година.

„20 години по нападите во Њујорк, не смееме да заборавиме дека тероризмот е глобална закана. Во борбата против ова зло, клучна е меѓународната соработка“,
напиша Пендаровски.