Покрај централната прослава закажана во попладневните и вечерните часови, по повод Денот на независноста државни делегации ќе положат цвеќиња на вечните почивалишта на бившите претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски. Во претседателскиот кабинет, пак, ќе им се додели орден на првиот претседател на повеќепартиското Собрание, Стојан Андов и на тогашните пратеници
Песна по повод независноста, дефиле на војници, полицајци, пожарникари, лекари, рудари и културно уметнички друштва ќе бидат дел од утрешната централна прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Централната прослава ќе започне во 17 часот, ќе се одржи пред Собранието и ќе биде со ограничен број на публика поради состојбата со пандемијата. Гостите ќе седат на столчиња со растојание и со себе ќе мора да носат потврда за вакцинација или за прележан ковид-19.

Настанот ќе започне со изведба на симфонијата „Убави денови“ од композиторот Живоин Глишиќ, специјално напишано за оваа прилика, по што ќе следува дефилето пред собраниската зграда.
„Дефилето е сочинето од настап на националните ансамбли и културно-уметничките друштва на сите заедници кои ги негуваат традиционалните народни танци, песни, игри и ора во Северна Македонија. Понатаму, во дефилето ги гледаме рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата. Млади и стари, како мозаик од шареноликоста на нашето општество“,
велат од Владата.
Официјалниот дел од прославата, пак, ќе го отвори воениот оркестар со изведување на химната. На поставената сцена големиот оркестар потоа ќе изведе церемонијални дела, додека на улицата ќе има современа кореографија.
По ова, според објавената програма, ќе следуваат и обраќања на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери (видеообраќање) и премиерот Зоран Заев.
„После обраќањето на премиерот, на сцена излегуваат познати поп артисти. Започнува изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери“,
велат од Владата.
Пред да започне централната прослава во попладневните часови, во текот на утрово и денот ќе има активности на државните делегации.
Тие ќе започнат уште во 8 часот наутро кога државни делегации ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров на градските гробишта во Бутел.
Точно напладне, во 12 часот, во кабинетот на претседателот Пендаровски ќе се додели „Орден 8 Септември“ на првиот претседател на првото повеќепартиско Собрание, Стојан Андов, и на пратениците од пратеничкиот состав со мандат од 1990 до 1994 година.