Владата на денешната седница донела одлука со која ќе го дефинира и регулира користењето на службените возила за да се спречи нивна злоупотреба, информираа од кабинетот на вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, по чија иницијатива била донесена одлуката.
„Одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели. Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција“,
велат од кабинетот на Николовски.
Вицепремиерот во писмената изјава вели дека одлуката значи оти секоја употреба на службено возила ќе мора да е одобрена и наменска.
„Со новите одредби, секое користење на службените возила мора да одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности“,
вели Николовски.