Дополнителната заменик-министерка во внатрешни работи, Славјанка Петровска, поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев
Од ОЈО Скопје потврдуваат дека пријавата е примена и дека ќе постапуваат по неа
Пријавата се должи на забраната на Чулев да се врачуваат решенија со потпис на неговиот претходник Спасовски. Министерот за „360 степени“ вели – работам во согласност со законските процедури

За што Петровска го „товари“ Чулев?
Техничката влада предводена од премиерот, а дотогаш министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја доби довербата на Собранието на 3 јануари 2020 година. Само два дена подоцна почна и „војната“ меѓу наследниците на Спасовски во МВР – министерот Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска од СДСМ.
Првата битка беше во јавноста. Чулев обвини дека лица од криминалистичката полиција се во директна спрега со криминални групи, на што Петровска одговори дека министерот шири лаги.
Но, паралелно, во МВР се случуваше и административен судир. На 8 јанаури Наќе Чулев испрати телеграма до сите раководители на организациските едници во рамките на МВР да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски. Дополнителната заменичка Славјанка Петровска истиот ден му пиша на Чулев дека во телеграмата не навел која е законската основа за таквото барање до раководителите.
„Ве известувам дека не е наведена законската основа врз основ на која се бара да не им се врачуваат решенијата. Истовремено, укажувам дека поединечен правен акт донесен врз основа на закон не може да се суспендира со телеграма“,
напишала Петровска во писмото до Чулев.
На 28 јануари министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција го обвини неговиот претходник Оливер Спасовски дека од 1 до 25 декември 2019 г. донел 1.050 решенија, а во последната седмица 1.198 решенија за распоредување на пониски работни места и за унапредување. Според Чулев, целата постапка е без да се почитува Законот за внатрешни работи и утврдениот систем за кариера.
На тврдењата на Чулев реагираше Петровска, велејќи дека сите решенија се согласно потребите на службата и новиот правилник за систематизација на работни места и дека се издадени во законска постапка. Според Петровска, министерот Чулев треба да знае дека решенијата може да се изготвуваат постојано, но не смеат да бидат врачени додека работникот е оправдано отсутен, што, како што посочува, не се ни случило.
Петровска вчера решила за ова да му поднесе кривична пријава на Чулев.
Таа во изјава за „360 степени“ ги објаснува мотивите и основите поради кои и формално го пријавила министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

„Поднесов кривична пријава против Наќе Чулев за злоупотреба на службена положба и овластување, предвидено и казниво во член 353 од Кривичниот законик и кривично дело несовесно работење во службата предвидено и казниво во член 353-в од КЗ. Пријавата ја поднесов поради тоа што, спротивно на закон и без постапка, нареди да се спречат врачувања на решенија кои се изготвени и издадени. Со оваа негова постапка, колеги од поранешната единица ‘Алфи’, кои не беа примени во новата интервентна единица, останаа нераспределени“,
вели Славјанка Петровска, дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи.
Чулев: Работам законски
Кривичната пријава против Наќе Чулев е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје. За „360 степени“ од таму потврдија дека добиле таква пријава.
„Кривичната пријава е примена и ќе се постапува по неа“,
велат од ОЈО Скопје за „360 степени“.

„360 степени“ побара став и од министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев. Ни одговори дека смета дека не ги прекршил законите.
„Не сум запознаен за што станува збор. Јас сум сигурен дека работам согласно законските прописи и внатрешните процедури во министерството за внатрешни работи“,
вели за „360 степени“ министерот Наќе Чулев.