За разлика од Изборниот законик, за кој се потребни 61 глас, за законот за јавното обвинителство треба да се обезбедат 80 гласа. Османи вели дека суштината на законот за ЈО е обезбедена со префрлање на предметите на СЈО во редовното обвинителство
Измените во Изборниот законик би можеле да се донесат уште денеска. Ако партиите во парламентот го прифатат амандманот на ДУИ за менување на границите на шесте изборни единици, претседателот на Собранието Талат Џафери би можел веднаш да свика собраниска седница. За законот за јавното обвинителство, пак, има уште три дена, да се види дали може да се обезбеди двотретинско мнозинство.
Ова го тврди вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во разговор за МИА. Тој вели дека пратениците на ДУИ поднеле амандман на членот 175 од Изборниот законик, за кој кај партиите има различни размислувања дали може да се спроведе до изборите.
„Предлогот е на пратениците. Во работните групи го предложивме нашиот амандман. Тоа е амандманот 51, кој се однесува на членот 175 од актуелниот Изборен законик, во кој ќе се третираат овие преместувања на изборни единици од една во друга ИЕ. Очекуваме политичките партии да го прифатат овој амандман за да можеме да го потпишеме и ние Изборниот законик и да оди со консензус да се изгласа. Законот може да се изгласа уште денеска, претседателот на Собранието би свикал посебна седница, во секој момент кога ќе се постигне консензус за ова прашање. Деновите се кратки, имаме уште три работни дена вклучувајќи го и денешниот за да може да постигнеме консензус. Мислам дека мора да обезбедиме законитост на процесот“,
вели Османи.
Тој додава дека засега одредени политички партии сметаат дека е премногу доцна за да се влезе во такви калкулации со промена на изборните граници, а другите ги прават калкулациите.
„Меѓутоа, ова не е прашање на политичка волја. Ова е прашање на почитување на законот – дали свесно ќе влеземе во процес во којшто во четири од вкупно шест изборни единици се крши Изборниот законик“,
додава вицепремиерот.
За разлика од Изборниот законик, за кој се потребни 61 глас, за законот за јавното обвинителство треба да се обезбедат минимум 80 гласа. Османи вели дека суштината на законот за ЈО е обезбедена со префрлање на предметите на СЈО во редовното обвинителство.
„Суштината на законот за јавно обвинителство е решена со фактот што ЈО ја презема работата на СЈО. Сепак, формата на овој закон, потребата за донесување е повеќе во перцепцијата на некои земји членки како важен критериум за донесување одлука за почнување на преговорите, и покрај тоа што суштинските прашања на законот се веќе третирани на поинаков начин. Предметите се преземени, архивата, вработените… Меѓутоа, заради тоа што и перцепцијата е важна во политиката, правиме напори да најдеме консензус и да го донесеме законот. Консензусот е важен и заради тоа што би испратиле порака дека кога се однесува за борбата против корупцијата сите политички партии сме „за“. Веројатно има и обиди и да се обезбедат 80 пратеници надвор од партиските ставови, односно да се види ставот на пратениците, така што има уште три дена да се направи тој обид,“
вели Османи.
Од Министерството за правда изјавија деновиве за „360 степени“ дека донесувањето на измените во Изборниот законик, согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР зависи од тоа дали ќе се постигне консензус околу барањето за промена на изборните граници и колку ќе се инсистира на тоа. Наспроти тоа, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави неодамна дека нема да дозволи пратениците од неговата партија да го стиснат копчето за распуштање на парламентот без да биде донесен Изборниот законик.
Претседателот на парламентот Џафери најави дека на 12 февруари ќе свика седница, на чиј дневен ред ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на парламентот.