Македонската министерка за одбрана очекува следниот месец владите на С Македонија и на Косово да одржат заедничка седница
Северна Македонија, кон крајот на минатата година, како НАТО-членка, започна и со свои сили да придонесува кон мисијата на Алијансата во Косово. Нашата заедничка мисија, што ја споделуваме и со Владата на Косово е да обезбедиме безбедност и стабилност на целиот регион, да имаме навистина регион кој цели кон заедничка европска и евроатлантска иднина, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по средбата со министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај.
„Северна Македонија го поддржа и го поддржува дијалогот Приштина – Белград, во насока на постигнување договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целина. Во исто време на секое ниво во сите регионални асоцијации и организации дадовме целосна поддршка на политиката на отворени врати и се надеваме дека и со учеството на Косово регионот ќе биде со многу поотворен дух и со многу поголемо расположение да наоѓа решенија за проблемите и да создава подобра иднина“,
рече Шекеринска.
Таа нагласи дека е потпишан Меморандумот за разбирање, кој упатува на поблиска и поцврста соработка во битката против лажните вести и дезинформациите.
„Со овој Меморандум, ќе имаме специјално развиени курсеви за односи со јавноста и справување со дезинформации што нема да ги користиме само ние, туку ќе бидат и за потребите на МО на Косово, а ќе ги креира нашиот НАТО-центар, регионалниот центар за односи со јавност и еден од нив ќе биде во Скопје, а еден дел ќе биде реализиран во Косово“,
рече Шекеринска.
Таа изрази надеж дека на почетокот на септември ќе има заедничка седница на двете влади и дека, како што рече, ќе се испрати пораката дека нашиот регион научил од своите грешки во минатото и дека, со многу амбициозност, отворен, модерен, пријателски дух, гледа кон нашите заеднички предизвици на целосна интеграција кон европските и евроатлантските институции