Околу пет часа траеше полициското преговарање со мажот кој тврдеше дека има бомба во автомобилот со кој беше паркиран во близина на Капитол Хил во Вашингтон. Акцијата беше успешна и мажот е уапсен, а сè уште трае претресот на неговито автомобил.
За време на операцијата се евакуираа жителите на околните згради, а блокиран беше и центарот на Вашингтон.
„Излезе и го фативме. Имаме еден уапсен“,
соопшти полицијата.
Шефот на локалната полиција, Томас Магнер, изјави дека уапсениот претпладнето, околу 9:25 часот, го паркирал своето возило пред библиотеката на Конгресот и на полицаецот кој му пришол му кажал дека има бомба држејќи уред што личи на детонатор.
Безбедносните сили сè уште не го знаат мотивот на човекот за овој чин.
Вработените, вклучувајќи ги и оние од Конгресот, беа евакуирани поради заканата за бомба. Парламентот неделава немаше закажана седница поради летниот одмор, но имаше вработени во него, како асистентите на конгресмените и службеници.
Зградата на Републиканската партија, неколку стотини метри подалеку, исто така беше евакуирана. Целиот регион околу Капитол Хил е под строги безбедносни мерки уште од крвавиот упад на поддржувачите на Доналд Трамп на 6 јануари годинава.