Тие покажаа комуникација со локалните власти од октомври лани во која им се ветува дека до ова лето ќе имаат вода
Жителите на скопското село Кучково денеска го блокираа патот кој води до селото за да го свртат вниманието на јавноста кон несериозниот пристап на локалните власти во Ѓорче Петров за наоѓање на решение за проблемот кој го има ова село со водата за пиење.

„Не е прва година да биде вака. Вака беше и минатата година среде короната. И покрај сите дописи до општината не се реши проблемот“,
велат жителите.
Тие покажаа комуникација со локалните власти од октомври лани во која им се ветува дека до ова лето ќе имаат вода.
Поупатените жители велат дека вода во селото има и со инвестиција од помалку од 10 000 евра би се решил проблемот.

Ова село не е приклучено на градскиот водовод и жителите мора да пешачат и по половина час или, или пак, сами да ископуваат бушотини за да имаат пристап до вода во својот дом.
Самостојниот водовод во селото Кучково чистата вода за пиење ја црпи од подземниот бунар кај манастирот „Свети Ѓорѓија“. Водоводот кој беше пуштен во потреба во 2006 година. Надлежните велат дека поради летната суша, бунарите кои ги снабдуваат со вода жителите на Кучково се пресушени, па поради тоа овој проблем се јавува секое лето.

Пред два-три дена во селото имало голем пожар од спој на кабли и тешко било да се дојде до чешмата која е подалеку поради што немало вода за гаснење. Жителите велат дека на вака високи температури следниот пат можно е цело село да изгори.