Состојбата со пожарите е најкритична во Малешевијата, најавена е помош и од Романија
Во текот на ноќта пожарот во близина на селото Будинарци имаше променливо темпо и сега е малку стивнат, објави утрово на Фејсбук директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Од позицијата од која набљудувам пред мене гледам две точки на кои пламенот е се уште активен и силен, но во позадина на неколку места забележувам силна и густа чад. Селото Будинарци е безбедно“,
вели Ангелов во објавата.
Утрово интервенираат два македонски и два српски хеликоптери, а во текот на денот и големиот противпожарен романски авион.
„Во борбата против пожарот ќе бидат вклучени и голем број пожарникари од овој регион, како и пожарникарите од Словенија, Австрија и Бугарија. Покрај нив учествуваат и екипи на Национални шуми, припадници на Армијата и pолицијата, ДЗС, ЦУК и голем број на доброволци од локалното население. Голема благодарност до сите нив за покажаната пожртвуваност и храброст“,
наведува Ангелов во објавата на Фејсбук.
Во повеќе постови на социјалната мрежа, Ангелов ја опишува целата ситуација на теренот додека биле во извидување.
„Иако непланирано, влеговме во огинот и пред се благодарение на тројца храбри локални жители (Мустачки Слободан, Гоце Мајсторски и Влатко Прмачки) успеавме да го сопреме огнот и да спасиме големо парче шума со бор. Во гаснењето покрај тројцата мештани учествуваше и мојот храбар соборец од 2001-та Бранко Ѕверот, како и мојот возач Дејан Митовски“,
напиша Ангелов.
Состојбата со пожарите најкритична во Малешевијата
Пожарите во земјава не стивнуваат, а најкритична е состојбата во пехчевско и беровско. Постои закана, огнот да се прошири и кон Бугарија. На тој потег со пожарите се борат над 350 луѓе, но ветрот им ја отежнува работата. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење, информираат од ЦУК.
Вчера доцна попладнето беа испратени три хеликоптери од кои еден македонски и два српски кон беровското село Мачево, каде ситуацијата со пожарот беше многу критична и имаше опасност огнот да зафати неколку куќи.
Во целиот овој регион се концентрирани уште многу сили, а вчера попладне дејствуваа и три хеликоптери кои денеска рано наутро продолжуваат со гаснење на пожарот.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, вчера изјави дека за спас на селото Мачево биле вклучени голем број на луѓе, вклучително и противпожарни служби од Словенија, Австрија и Бугарија.
Тој додаде дека пламените јазици во Мачево вчера се префрлале од село Робово, кое беше меѓу најкритичните точки зафатени со пожарите во Малешевијата.

Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, вчера ги посети припадниците на Армијата во Оперативниот центар на Првата пешадиска бригада во село Тработивиште, Делчевско, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја од пожарите во државата.

Во државата од 2 август избувнаа петнаесетина поголеми пожари. Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски изјави дека времето и условите за гаснење на пожарите се исклучително тешки. Според него, како исклучително тешки се уште остануваат пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци.
Потешки пожари, на непристапни места, има и во Прилепско кај селата Дрен и Смолани. Огнот кај Топлица, како што информира ЦУК, се држи под контрола и очекувањата беа до синоќа да се неутрализира целосно.

Вчера доцна попладе, во 17:30 избувна нов пожар во непосредна близина на населната Дурутовец, кај автопатот Велес-Штип во близина на велешката Градска депонија за комунален смет. На 15 пожарникари ветрот им ја отежнуваше борбата со огнената стихија, но тие сепак успеаја да го изгаснат пожарот околу 21 часот.
Пожарот започна завчера попладнето од светиниколското село Богословец и во текот на ноќта се рашири во правец кон селото Доброшани, каде што веќе е локализиран. Во селото Богословец изгореа стари куќи, земјоделска механизација, зафатена е голема површина на сува трева и помала пoвршина борова шума.
Вчера, по писмено барање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска до нејзиниот романски колега Николае Јонел Чука за итна помош во справувањето со пожарите, Романија донесе одлука да испрати авион за гаснење на пожари со поголем капацитет, соопшти Министерството за одбрана.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на нејзиниот официјален фејсбук-профил изрази благодарност до пожарникарите, војниците, волонтерите и локалното население вклучени во гасењето на пожарите кои зафатија делови од земјава со порака за будно следење на состојбата и почитување на упатствата од власта.
„Тажни од ужасните слики од пожарите низ целата земја. Наша благодарност до пожарникарите, војниците, волонтерите и локалните заедници за нивните храбри напори. Тие се вистински херои. Ве молиме, бидете будни и следете ги упатствата од властите“,
напиша на Фејсбук амбасадорката Брнз.