Дали досегашниот градоначалник и поранешен министер за здравство и на овое избори ќе го има истиот ривал од редовите на ДУИ?
Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, ја официјализирал кандидатурата за нов мандат, објави вечерва неговата партија Алијанса за Албанците, неколку часа откако беа распишани локалните избори.
Таравари, поранешен министер за здравство, кој паралелно е и генерален секретар на АА, од поодамна најави дека планира да се натпреварува за уште еден мандат на чело на Гостивар, овој пат и со поддршка на Алтернатива на Африм Гаши.
При смената на власта во 2017 година, тој беше министер за здравство само неколку месеци, по што се повлече од функцијата, за да се кандидира за градоначалник. На тогашните локални избори, Таравари успеа да го победи дотогашниот градоначалник на Гостивар од редовите на ДУИ, Невзат Бејта, кој имаше поддршка и од СДСМ.
Ривалството меѓу АА и ДУИ како тогашни партнери во владата на Зоран Заев резултираше со заминување на Алијансата од коалицијата, неколку месеци по локалните избори, додека министрското место во здравство го презема СДСМ, така што министер стана Венко Филипче.