Кај Кокино повторно се појавил пожар, при што биле спасени седум – осум куќи, од кои некои биле викендички, а не биле зафатени од претходниот пожар на 2 август
На неколку места во земјава пожарите се изгасени, но како што се гасат тие повторно се разгоруваат. Таква е ситуацијата со пожарот кај Свети Николе и со пожарот кај Кокино, велат од Центарот за управување со кризи, информирајќи за актуелната состојба со пожарите во земјава.
Во Свети Николе, како што посочи Горан Стојановски од Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, пожарот е локализиран, но останува дел од Кадрифаково поради низинскиот дел и ветерот што го разнесува во сите правци.
„Сето тоа што ќе се изгаси повторно се разгорува. Одите 20 метри, гасите, се завртувате и повторно го гледате истото жариште, така што исклучително е тешко да се гаси на таков простор. Но и таму има концентрирано над 80 луѓе кои во моментот гасат и дејствуваат. Оној на страната на Штип – Криви Дол и Добришани е изгаснат комплетно“,
рече Стојановски.
Тој посочи дека кај Кокино повторно се појавил пожар, при што биле спасени седум – осум куќи, од кои некои биле викендички, а не биле зафатени од претходниот пожар на 2 август.
„Во текот на денот, противпожарните екипи од Старо Нагоричане, за чудо, повторно дејствуваа кај Кокино. Понекогаш човек не може да сфати што е тоа што треба да догори на Кокино, што не е изгорено и запалено од претходниот пожар од 2 август. По разговорот со командирот на противпожарната служба од Старо Нагоричане, за среќа, за кратко време беше интервенирано и спасени се куќите што не беа зафатени од претходниот пожар. Се работи за 7-8 куќи, некои од нив и викендички. Причина за пожарот, како што ми пренесоа, е искрење на жиците од електричните столбови, при што се запалила сувата трева во нивна близина“,
соопшти Стојановски.
Како исклучително тешки сѐ уште остануваат пожарите во Делчевскиот и во Пехчевскиот Регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци.
„Во моментот се дејствува со жива сила, со материјално-технички средства, со поддршка и помош од хеликоптерската единица на АРМ и на соседна Србија. Но, времето и условите се исклучително тешки. Јачината на ветрот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се дејствува и да се спречи пожарното дејство“,
посочи Стојановски.