Пожарот во село Богословец, светиниколско, опожарил четири куќи, но како што информираат од ЦУК станува збор за стари куќи во кои никој не живеел
Активни пожари има и во Прилеп каде вчера беа евакуирани две неподвижни стари лица и префрлени во својот дом во Прилеп. Евакуација на граѓани поради опасност од пожарите имало и во кумановско, а побарана била и интервенција со хеликоптер и војска за гаснење на пожар на територијата кај селото Гулинци кое е отсечено од пат
Повеќе пожари низ земјата се активни, состојбата сè уште е сериозна со пожарот меѓу Делчево и Пехчево, а надлежните апелираат до жителите од овој крај да бидат рационални и со користењето на водата. До сите останати граѓани се апелира да бидат внимателни особено пушачите каде ги фрлаат отпушоците од цигари.
Пожарите во делчевско-пехчевскиот регион сè уште се активни, а екипите се на терен уште од раните утрински часови.
„Пожарот во атарот на селото Нов Истевник, маало Пасјак е во дијаметар од 15 километри, прво го зафатил маалото Балабанци, при што зафатил и три куќи, а истиот брзо се шири и ја зафати и Курачка Маала каде досега изгореа три плевни. Поради големиот пожар регионалниот патен правец Делчево – Пехчево бил затворен за сообраќај“,
информираше на денешната прес-конференција, Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во овој регион врз пожарите се интервенира и со 200 припадника на Армијата, како и вработени во шумско стопанство „Голак“ – Делчево со четири теренски возила, противпожарна единица од Делчево со 13 пожарникари, две цистерни и едно теренско возило, пет припадника на Гранична полиција со пет теренски возила, три припадника на полициска станица Делчево со едно теренско возило, ЈПКД Брегалница со 10 вработени со две ровокапачи, теренско возило со еден тон вода и еден џип. Помош има и од Македонска Каменица и од Бугарија. Во гаснењето на пожарот ангажирани биле и четири хеликоптери. Пожарот е сè уште активен и брзo се шири во правец кон маалото Пасјак и кон селото Трабовиште и се префрлил на територијата на општина Пехчево.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи за состојбата до 8 часот утрово, активни се повеќе пожари, дел се изгасени, дел локализирани, но се појавуваат и нови. Активен е и пожарот на територијата на општина Пехчево, кај Бајаз Тепе и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик.
„Поради силината на ветерот пожарот го префрли регионалниот пат Берово – Делчево и се движи накај село Црник. Зафатена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта. Екипите работат на негово локализирање. Пристигната е и Специјалната противпожарна екипа од Словенија со 17 возила и 45 луѓе и распоредена е во атарот на селата Црник и Негрево. Опожарен е и еден објект за чување стока и колиба во селото Црник но на истата локација пожарот е ставен под контрола“,
информираше Стојановски.
Пожарот во село Богословец, светиниколско, опожарил четири куќи, но како што информираат од ЦУК станува збор за стари куќи во кои никој не живеел. Во струмички регион, пожарот кај местото викано Погана на теренот спрема селата Балинци и Брајковци е локализиран и е под контрола. Во скопскиот регион, во моментот е најсериозна ситуација со пожарот во атарот на селата Рајовиќ и Буковиќ. Како што информира ЦУК поради силниот ветер пожарот почнал да се шири кон Јасен, но од вчера екипи се на терен со цел побрзо ставање на пожарот под контрола.
„Пожарот бил пријавен и од страна на ЕЛС Желино како шумски пожар на високо непристапен терен во реонот на с.Рајовиќ на страната на општина Сарај и за истиот од нивна страна биле известени шумско стопанство Лешница – Тетово и полициска станица Групчин. Од противпожарната на Град Скопје се упатиле околу 16:15 часот, и било утврдено дека гори сува трева и ниска и мешана шума на поголема неутврдена површина. Побарано е и помош од војници на АРСМ. Пожарот е на многу непристапно место и станува збор за ниска деградирана шума. Има силен ветар кој го насочува кон Јасен. Утрово околу 06:00 часот пожарникарските екипи на град Скопје се на терен, и ситуацијата се следи“,
информираат од ЦУК.
Активни пожари има и во Прилеп каде вчера беа евакуирани две неподвижни стари лица и префрлени во својот дом во Прилеп. Евакуација на граѓани поради опасност од пожарите имало и во кумановско, а побарана била и интервенција со хеликоптер и војска за гаснење на пожар на територијата кај селото Гулинци кое е отсечено од пат.
„Според барањето, пожарот претставува опасност да се прошири во останатите села како Пклиште, Отошница и Станча во општина Ранковце и Дренок, Осиче и Дејлповце од општина Старо Нагоричане кои исто така се отсечени од пристапни патишта од кај страната на општина Ранковце. Од вчера во 19:00 часот од противпожарна единица Ранковце известиле дека нивна екипа е излезена на терен да интервнира на пожарот во село Гулинци“,
информираат од ЦУК.
Пожари има и во општина Кавадарци на две локации, едниот кај месотот викано Свети Петре, помеѓу селата Мрежичко и Рожден каде гори мешана нискостеблеста шума од даб и јасен. Таму интервенираат противпожарни екипи од Кавадарци, од шумското стопанство. Вториот пожар во Кавадаречко е кај селото Возарци – лево од фабриката „Еуро Никел“. Гори сува трева и ниска вегетација, а интервенираат 14 пожарникари од ТППЕ Кавадарци со четири противпожарни возила и две теренски возила.