Со специјалниот закон ќе се даде зелено светло за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ без тендер да ги гради коридорите 8 и 10 и тој беше изгласан во Собранието на 15 јули
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира дека одлуката за носење на посебно скроен закон за изградба на автопатишта со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“, се поткопуваат темелите на владеењето на правото, но и дека во овој случај користа на инвестирот се става пред јавниот интерес.
„Во состојба во која постојат веќе воспоставени начини како се остваруваат вакви инвестиции, преку јавни набавки или јавно приватно партнерство, кои обезбедуваат конкурентност, носење на скроен закон значи дека користа на инвеститорот била поважна од јавниот интерес. Истовремено, за ваква инвестиција од страна на државата недостасуваат анализи кои ќе ја образложат вистинската потреба за изградба, деталите и анализата на корист и трошок од изградбата, за да граѓаните добијат најмногу за денарот што го вложиле како даночни обврзници“,
велат од Платформата.
Со специјалниот закон ќе се даде зелено светло за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ без тендер да ги гради коридорите 8 и 10 и тој беше изгласан во Собранието на 15 јули.
Законот, кој го предложија Јован Митревски, Арбер Адеми, Кастриот Реџепи и Сурија Рашиди, треба да се овозможи реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола.
Законот е под критики и од невладиниот сектор, но и од Антикорупциската комисија. Од Платформата за борба против корупцијата ги потсетувааат институциите дека политичка е волјата за да се почне сериозна броба против корупцијата.
„Таа не се состои само од поддршка на институциите примарно задолжени за борбата против корупцијата. Политичката волја значи и сопствено делување, во своите надлежности кое почива на начелата на непристрасност, законитост и транспарентност. За жал, овој и слични примери го подриваат тоа што е постигнато досега и ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите. Дополнително, го рушат угледот пред меѓународните партнери и ќе влијаат на оценките во извештаите за земјава“,
велат од Платформата.