Пожарот кај фабриката ОХИС што избувна попладнево е ставен под контрола. Како што информира заменик-командирот на скопската противпожарна служба Звонко Томески, најверојатно постојат три точки каде што е започнат пожарот.
Од Центарот за управување со кризи велат дека од пожарот не било загрозено здравјето на граѓаните на Скопје затоа што во фабриката ОХИС одамна нема хемикалии, а линданот што треба да се отстрани од фабриката е незапалив.
„После известувањето до Инспекторатот за животна средина за појавениот пожар во кругот на фабриката ОХИС и евентуална опасност по здравјето на луѓето, оттаму, после направената контрола, е добиено известување дека со пожарот биле зафатени претежно сува трева и дел од поранешната зграда на фабриката ‘Билјана’. Опасност по здравјето за луѓето нема, бидејќи опасни хемикалии во ОХИС одамна нема, а линданот што треба да се отстрани е незапалив“,
велат од РЦУК-Скопје.
Инаку, во гаснењето на пожарот е повреден еден пожарникар кој, како што рече Томевски, откако вдишал чад веднаш бил однесен со Брза помош во болница.