Административците се револтирани по изјавата на премиерот Зоран Заев тие се леглото на корупцијата. Бараат тој лично и јавно да се извини но и да покаже конкретни докази кои ќе потврдат дека административците земаат мито и не работат во интерес на граѓаните. Од Синдикатот на Управата, правосудните органи и здруженија на граѓанивелат дека не знаат која е причината што во последно време се напаѓа администрацијата, прво како неработници, а сега како корумпирана.
„Можеби реакцијата на нашите членови ќе беше помека да кажам, доколку беше посочено дека во сите ешалони на власта има корупција. А, високата корупција е во високите раководители“,
рече Пецо Грујовски претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Ниту еден судски службеник во последните неколку години не одговарал или не бил осуден по основ на корупција, велат синдикалците. И да има некој случај, тоа е со сигурно изолиран случај, велат оттаму. Затоа, според нив, не е прифатливо премиер на една држава да го вперува прстот во административците, а да не гледа што се случува зад неговиот грб.
„Тие што конкретно работат со странки работат по налог на претпоставени, и одговараат пред него. Навистина сме изненадени и очекуваме објаснување“,
рече Верица Тасева, член на Синдикатот на УПОЗ.
Премиерот Заев пред два дена категорично тврдеше дека корупција во Владата, односно кај министрите или пак кај директорите на јавните претпријатија или на државните фирми нема иако во последниов период владата ја стресоа неколку афери поврзани со корупција и злоупотреба на функцијата.
Под лупа на обвинителите се веќе екс Генералниот секретар на владата Драги Рашковски, за сомнителна набавка на сообраќаен софтвер како и случајот на Лидија Димова која беше разрешена од позицијата директорка на Националната агенција за европски образовни програми поради наводна измама и штета од над 400 илјади евра европски пари, за што Јавното обвинителство против неа отвори истрага по поднесена кривична пријава од Финансиската полиција.