Откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и главниот градски инспектор Мирослав Богдановски обелоденија случај за фирма која несоодветно третирала медицински отпад што се носел во „Дрисла“, од Обвинителството порачуваат дека работат на случајот.

Предметот е во рацете на ОЈО Скопје и се наоѓа во фаза на предистрага. Меѓутоа, од Обвинителството тврдат дека за контролата направена на 10 декември 2019 била примена пријава на 13 декември 2019 година, а како подносител е физичко лице – инспектор, но пријавата не била поткрепена со материјални докази, па сега се чека тие да се приберат.
„Со оглед на тоа што пријавата не беше поткрепена со други материјални докази, надлежниот јавен обвинител веднаш истиот ден издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата“,
велат од Обвинителството.
Кога ќе ги добијат сите известувања, Обвинителството ќе реши дали и како понатаму ќе се води случајот. Повеќе детали од ОЈО Скопје не споделуваат повикувајќи се на тоа што предметот е во предистрага.
Додека од обвинителството велат дека се работи на случајот, Шилегов денеска го впери прстот кон нив велејќи дека 50-ина дена по пријавата немаат никакви информации.
Тој, заедно со Богдановски, пред новинарите пушти и видеоснимка и фотографии од контролата во фирмата, која е регистрирана во Битола, а просториите каде што требало да се преработува отпадот е во Скопско. Овие докази, според изјавата од Обвинителството, не биле доставени со пријавата.

Преку снимките и фотографиите, според Град Скопје, јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци, а човечка крв истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што се отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион кој не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад, за потоа да биде транспортиран во ‘Дрисла’ како обичен отпад“,
објасни Богдановски.
Отпадот што бил затекнат при контролата е од медицинските установи во Битола и Прилеп.
Меѓутоа, колку долго и колку често на ваков начин е третирал, Град Скопје нема податоци.

Покрај од Обвинителството, Шилегов денеска побара и Министерството за животна средина и просторно планирање во целост и детално да го испита работењето, не само на оваа туку на сите фирми што имаат дозвола за обработка на медицински и опасен отпад.