Денешното рочиште за предметот „Плацови на Водно“, на кое обвинетите требаше да се изјаснат дали се чувствуваат за виновни или не и одбраната да ги даде своите воведни зборови, се одложи.
Од Основниот кривичен суд во Скопје велат дека причините за одложувањето се што одбраната барала на македонски да се преведат доказите кои се доставени на англиски јазик и тоа што еден од адвокатите, кој по службена должност е назначен за бранител и во ТНТ, е зафатен со рочиште во тој предмет.
Судењето треба да продолжи за точно еден месец – на 19 август.
Во петокот (16 јули) се одржа првото рочиште за овој предмет, во кое обвинителката Лиле Стефанова го даде воведниот збор и побара, по изведувањето на доказите, обвинетите да се прогласат за виновни и да завршат во затвор.
Првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а на обвинителна клупа седат неговиот кум Ристе Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, неговата мајка, Ратка Куновска Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра.
Обвинителството тврди дека се купувал и прикривал вистинскиот сопственик за кој тврди дека е Груевски. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството претходно, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија од Белизе.