Сите заразени од делта сојот во земјава се граѓани кои не се вакцинирани, велат од Министерството за здравство, и апелираат граѓаните да се вакцинираат
Во болниците низ Северна Македонија, во моментов, лежат вкупно 16 пациенти поради компликации од ковид-19. Само четворица од тие пациенти се и на кислородна поддршка. Така велат од Министерството за здравство, но не за да се пофалат туку за да апелираат дека состојбата може брзо да се смени на полошо.
„Иако здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, искрено се надеваме и посакуваме до тоа да не дојде. Единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација“,
велат од Министерството за здравство.
А состојбата може да се смени, велат од Министерството за здравство, особено поради т.н. делта сој на вирусот, познат и како индиски сој на ковид-19. Веќе постои согласност во светски рамки дека таа варијанта се шири полесно од останатите мутации. Сите заразени од делта варијантата кај нас, велат од здравство, се лица кои не се вакцинирани, Во многу држави, најголем дел од заразените со тој сој, се исто така невакцинирани лица.

„Кај нас досега се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не беше вакциниран. Не само кај нас, последните анализи и во светски рамки покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население. Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со Делта сојот на Ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани.
Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица, по трендот на опаѓање на заразени од крајот на април. Бројот на пациенти во регионите како Каталонија е двојно зголемен во споредба со крајот на месец јуни, а единиците за интензивна нега кои претходно беа затворени повторно се отвораат. Фернандо Симон, директор на Координативниот центар за здравствени предупредувања во шпанското Министерството за здравство, предупреди дека „стапката на инциденца кај невакцинираните е до 20 пати поголема од онаа на вакцинираните“, и ова претставува ризик за останатиот дел од населението“,
соопштија од Министерството за здравство.
Од здравство, потсетуваат дека вакцината можеби не е 100% заштита од зараза со ковид-19, особено кога е во прашање т.н. делта сој, но и дека го висок процент го штитат организмот од потешки форми на болеста.
„СЗО е децидна дека сите вакцини се докажано ефикасни против постоечките соеви и мутации на вирусот. Иако дел од студиите покажуваат дека нивната ефикасност се намалува против Делта сојот, таа е се уште доволно висока да превенира развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт. Откако се утврди дека вирусот се пренесува помеѓу невакцинираното население, повеќе земји ги зајакнаа рестриктивните мерки кои главно се однесуваат на неимунизираните лица“,
велат до Министерството за здравство.
Од владиниот ресор, посочуваат дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, „со највисока обврска за вакцинација“. Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, велат од Министертвото за здравство, е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје. Со тоа, велат од здравство, овие мерки не може да се подведат под сомнение дека се основ за дискриминација или во спротивност на основните човекови слободи и права, туку напротив, се во насока на поттикнување на личниот придонес од страна на секој поединец, со што ќе се осигураат јавното здравје и колективната благосостојба.