Во една од објавите на социјалните мрежи се споделува наводен учебник во кој има илустрација за сексуален однос. Но, сликата од наводниот учебник всушност е украдена од публикација на јапонски или кинески јазик а се останато е монтирано
Се очекува ученичката/ученикот да развие „вештина“ да стави кондом. Така пишува на бел лист хартија, изработен така што би требало да наликува на некаква образовна програма и тоа за 4-то одделение. Во „документот“ наречен „развивање свест за сексуалното здравје“, уште се вели дека учениците треба да научат дека постојат различни сексуални ориентации но и дека треба да развијат „вредности“ – да се прифати дека сексуалното општење може да се базира на различни сексуални ориентации.

Ваквите информации секако имаат голема експлозивна моќ, но уште поголем проблем е што тие се лажни. Затоа овој пример, заедно со неколку други, ги споделуваат токму од Министерството за образование и ги предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на вакви и слични „лажни вести“.
„Министерството за образование и наука демантира каква било поврзаност на фотографиите и содржини кои деновиве кружат на социјалните мрежи, со сеопфатното сексуално образование.
Лажните вести и монтажи по социјалните мрежи се интензивираат со цел заплашување и лажење на граѓаните. Граѓаните да бидат спокојни, образованието се унапредува и реформира. Сите информации кои деновиве се шират поврзани со сексуалното образование, како оваа, се целосно лажни и апелираме граѓаните да не наседнуват“,
соопштија од МОН.
Уште еден пример за „производството“ на лажни вести кој го споделија од МОН е илустрирана фотографија од маж и жена кои водат љубов. Над нив има текст во кој практично се објаснува „што прават мама и тато“. Обичниот читател би треало да биде измамен дека тоа е дел од учебник. Но, дека илустрацијата е „позајмена“ и искорестена во земјава покажува фотографијата под неа. Она што би требало да е во наводниот домашен учебник, е фотографија од некоја книга или публикација од Азија.


Поради ваквите вести, од Министерството за образование повторуваат дека од септември не се воведува сексуално образование во земјата.
„Како што многу пати извести Бирото за развој на образованието, сексуално образование воопшто не се воведува. Од следната година се планира само пилот проект во четири паралелки од деветто одделение во четири основни училишта. Никакви содржини ниту програми не се предвидени во новите содржини и учебници за прво и четврто одделение како што се обидуваат одредени групи на социјалните мрежи да ја замајуваат јавноста.
Родителите да бидат смирени, се што работиме е максимално транспарентно и во најдобар интерес на децата. Апелираме да се следат официјалните канали на МОН и БРО со цел учениците, наставниците и родителите да се заштитат од ваквите манипулации кои, за жал, се почесто ќе ги гледаме“,
соопштија од МОН.