Македонскиот народен театар почна со санација на проодната тераса која се наоѓа на североисточниот дел од првиот кат на објектот – кон Музејот на холокаустот.
Од МНТ информираат дека во изминатите години при обилни дождови беа предизвикувани материјални штети од протекување од терасата во главното фоаје и дека со зафатот ќе се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот и ќе се спречи натамошно руинирање на објектот.

„Средствата, во износ од 1 200 000 денари се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура. Искрено се радуваме што есенскиот дел од сезоната ќе го почнеме во безбеден и саниран објект. Во очекување на позитивни вести околу пандемијата од КОВИД-19, ние се подготвуваме повторно за полн салон, со широк репертоар“,
соопштија од МНТ.
Новиот МНТ почна да се гради во 2008 како реплика на стариот театар, урнат во земјотресот во 1963 година. Беше пуштен во употреба во септември 2013 по многу договори и анекси на договори, како што тогаш објаснуваа од Министерството за култура, поради сложеноста на објектот. Дури и по првата премиера, следеа нови анекс-договори. МНТ почна да се гради со најава дека ќе чини 6 милиони евра, а достигна сума од речиси 40 милиони евра.