„Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, одговора премиерот на вчерашната изјава на Слави Трифонов во која тој го употреби терминот „Северномакедонци“
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања за изјавата на лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, кој рече „Северномакедонци“, порача дека не е во ред да се испраќаат реакции до секој претседател на политичка партија и дека во случајот на Трифонов се работи за незнаење.
„Веднаш реагирам еве јавно не е во ред до секој претседател на политичка партија да испраќаме реакции, но ако треба и тоа ќе го правиме. Ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик од Република Северна Македонија. Верувам дека се работи за незнаење, бидејќи се работи за две пријателски земји кои никој пат немале проблем и секој пат сме биле нарекувани Македонци кои зборуваат македонски јазик… Уште еднаш да искоментирам, кога некој на нарекува тоа што не сме, тогаш тоа повредува. Очекувам да се коригира, затоа што е претседател на политичка партија која освои гласови, а должност ни е да градиме пријателства и добри односи“,
одговори Заев на денешната прес-конференција во Владата.
На новинарско прашање какви му се очекувањата за формирање нова влада во соседна Бугарија, Заев рече дека неговата проценка за варијантата нова влада или нови избори му е 50-50.
„Моите желби се Република Бугарија да формира влада, заради тоа што влада им треба на граѓаните, на институциите да продолжат да функционираат заради потребите на граѓаните пред сè, а секако и тоа е добро затоа што со воспоставување на политичка влада ние очекуваме исчекор на решавање на проблемот кој е појавен меѓу нас и во такви околности се надевам дека ќе се формира Влада. Трети избори не гледам дека ќе сменат нешто, треба да се биде рационален. Тоа се моите надежи, очекувањаата ми се 50-50 дека ќе се формира влада или ќе се оди на избори“,
кажа Заев.
Во однос на спорот, тој кажа дека се согласува со бугарскиот претседател Радев дека овие прашања се решаваат билатерално.