Дури и да биде прв по вчерашните избори, на Слави Трифунов ќе му требаат двојно повеќе пратеници од неговите за да направи влада. Па, сепак, излезе со изјава дека нема да коалицира и дека предлага „своја“ влада
Партијата „Има таков народ“ нема да прави коалција со другите т.н. „протестни партии“ ( коалициите „Демократска Бугарија“ и „Исправи се! Гласај!) и предложи своја влада по вчерашните предвремени парламентарни избори во Бугарија. Така претпладнево изјави лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифунов. Изјавата доаѓа во момент кога резултатите од изборите не се целосни и официјални и кога не е извесно дали „Има таков народ“ ќе биде прва политичка сила во Бугарија што е услов да се добие првенство во добивањето на мандатот за формирање на влада од претседателот Румен Радев.
Слави Трифунов ја повтори тезата дека новите министри и премиер треба да биде „луѓе кои имаат морал, да зборуваат јазици, да завршиле престижни универзитети“
Николај Василев за премиер
И покрај тоа што „Има таков народ“ веројатно ќе освои околу 60 мандати од вкупно 240 колку што брои бугарското Народно собрание и, како што вели лидерот нема намера да коалицираат, партијата предложи владин кабинет.
За премиер го предлагаат Николај Василев. Станува збор за поранешен вицепремиер и министер за економија (2001-2003 г.), министер за транспорт (2003-2005 г.) и министер за државна администрација (2005-2009г.). Тој беше кадар на партијата на Симеон Саксобурготски.

За вицепремиер и министер за внатрешни работи е предложен Николај Радулов. Експерт по безбедност, со над 33 години искуство во секторот, 65 годишниот Радулов говори и четири јазици.

Во предизборната кампања, приоритетите на „Има таков народ“ беа: да се изградат нови градинки, без да се презицира колку. „Колку треба, толку“, изјавува Слави Трифунов. Потоа, изградба на детска болница, изградба но и концесии на автопати, купување на хеликоптери за брза помош, лаптопи и компјутери за образованието, приватизација на Бугарската развојна банка, зголемување на транспаретноста на јавните набавки, намалување на јавната администрација.