Тие бараат да се одложи утрешната расправа во Комисијата за европски прашања и по годишните одмори да се организира собраниска јавна расправа каде, како што стои дека експертската јавност и граѓанските здруженија можат да ги изнесат мислењата и предлозите за менување и подобрување на законите
Граѓански организации и високообразовни институции денеска побараа одложување на утрешното второ читање на Законот за управување со отпад и Законот за управување со пакување и отпад од пакување во собраниската Комисија за европски прашања за да се организира јавна расправа. Јавната расправа, предлагаат да биде закажана по завршување на периодот на летните одмори, за да може да присуствуваат сите релевантни чинители.
Главни аргументи на поднесувачите на барањето се дека законите се од широк интерес и директно и длабоко нè засегаат сите, зошто, посочуваат, прашањето на отпад го живееме секојдневно преку нерешените диви и нерегуларни депонии, прекумерниот отпад кој завршува на нив, пластиката, гумите, опасниот отпад, неговото горење, загадувањето кое го врши врз почвата, водите и воздухот, негативниот ефект врз нас и целиот жив свет.
„За вакви закони Собранието е должно да спроведе јавна расправа и да ги земе предвид изнесените мислења и предлози“,
се наведува во соопштението потпишано од 31 граѓанско здружение и високообразовни институции.
Понатаму се посочува дека реакциите во јавноста се силни за одредбата во предложениот Закон за управување со отпад со која, се наведува, повторно ќе се дозволи увоз на отпад како енергенс, откако после силен јавен притисок се забрани ваквиот увоз во сегашниот закон само минатата година. Овие реакции и барања пратениците да се произнесат по оваа одредба, како што упатуваат забелешка, не наидоа на слух кај избраните претставници на граѓаните во Собранието, припадници на партиите од владејачкото мнозинство.
Со новиот Закон за управување со отпад, се додава, опасниот отпад ќе се редефинира и можно е она што денес е забрането да се увезува, согорува и сл., да се дозволи. Се редефинираат и условите за депониите за опасен отпад, кој може да ги основа и управува со нив. Ова е горливо прашање за граѓаните, со оглед на големиот број негативни искуства во овие области.
„Потребно е дефинирање на што подобра контрола на управувањето со отпадот и негова имплементација на терен, нешта кои хронично ни затајуваат, а кои не смееме да ги дозволиме кога отпадот е во прашање. Пластиката за еднократна употреба е огромен проблем. ЕУ во 2019 год. донесе Директива со која воведе забрана на 10 типа на пластични производи за еднократна употреба. Новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување не го рефлектира ова“,
се наведува во аргументите за потребата од јавна расправа за посочените закони за третирање отпад.
Невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции, од кои голем број се дел од граѓанската Алијанса за застапување и лобирање „Разбистри сè“ испратиле допис до претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми, претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците во Собранието, претседателот на Влада Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, да се одложи второто читање на законите.
Тие бараат да се организира собраниска јавна расправа каде, како што стои, експертската јавност и граѓанските здруженија можат да ги изнесат мислењата и предлозите за менување и подобрување на законите.