Вака во една реченица може да се сумира досегашниот завршен збор на одбраната во случајот „27 април” каде обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски
Обвинетите за организацијата на 27 април ниту имале комуникација меѓу себе ниту во дејствијата за кои ги гони обвинителството има насилство за да може да одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Вака во една реченица може да се сумираат досегашните завршни зборови на одбраната во случајот „27 април” каде што обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Првото што го нагласи одбраната е дека ниту во обвинението нема дека некој сакал или, пак, дека воспоставил нов уставен поредок.
„Уставниот поредок во тој период е парламентарна демократија. Уставниот поредок после 27 април 2071 повторно е парламентарна демократија и никаде во овој диапозитив на обвинението не постои навод дека некој сакал, се обидел или воспоставил друг уставен поредок. Според ова сакам да укажам дека првиот и основен дел од оваа инкриминација не е исполнет за да може да се тврди дека некој од овде обвинетите го сторил ова кривично дело. Истата оваа одредба од член 313 од Кривичниот законик ги предвидува и дејствијата со кои некој можел да го загрози уставниот поредок, па како дејствија се наведуваат: предизвикување или закана со експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие. И овие елементи нема да ги коментирам затоа што ништо такво не се ни ставаат на товар на кој било од обвинетите во оваа постапка. Се става на товар насилство. За жал, законодавецот не го искажал нивото на потребното насилство за ваква тешка квалификација”,
рече адвокатот Еленко Миланов.
Адвокатот за секој од обвинетите наведе делови од завршниот збор на обвинителката Вилма Русковска, па според тоа улогата на Вељаноски, цитираше Миланов, била по секоја цена да се спречи изборот на претседател на Собранието. Каде тука, праша адвокатот, има акт на насилство?

„Понатаму, обвинителството ќе ви каже дека треба да ги огласите за виновни Миле Јанакиески и Спиро Ристовски бидејќи нивна улога била да ги организира протестите за по секоја цена да се спречи избор на претседател на Собранието. Дали во овој дел можете да најдете акт на насилство, за да понатаму продолжи за четвртообвинетиот, Владимир Атанасовски, за кого единствено сака да ве убеди дека доколку се укажело за потребно, со акт на насилство требало да се спречи изборот. Ова е единствениот момент каде самото обвинителство сака да ви каже и да ве убеди дека имало план, договор или што било за каков било акт на насилство”,
рече Миланов.
На тврдењето на обвинителството дека постоел план за загрозување на уставниот поредок, адвокатот контрираше и со тоа што наведе дека во СМС-пораки од телефонот на Вељаноски немало пораки со останатите обвинети во врска со настанот, па ја постави тезата како можел да постои план кога немале комуникација.
„За целиот овој период на обвинение Трајко Вељаноски воопшто нема комуникација со обвинетиот Владимир Атанасовски и со Никола Бошкоски (кој беше осомничен во истрагата, но не беше поднесено обвинение со оглед дека е во бегство). Она што како порота и суд можевте да го видите, а беа и изведени, се 30 000 пораки од телефонот на Вељаноски. Ни една комуникација со оние со кои наводно создал ваков план. Кога сме веќе тука, во таа насока, дека Владимир Атанасовски или Никола Бошкоски имале комуникација со Трајко Вељаноски не слушнавте од ниту еден сведок на обвинителството”,
рече адвокатот додавајќи дека нема ниту инкриминирачка комуникација помеѓу Вељаноски и Јанакиески.
Со Спиро Ристовски, нагласи Миланов, имало 6 пораки во тој период, по што ги прочита и нагласи дека станува збор за инспекциски надзор на просветен инспектор на еден од универзитетите во Тетово. Рочиштето за завршни зборови во Основниот кривичен суд во Скопје е во тек. Откако ќе заврши Миланов, завршни зборови треба да дадат и останатите адвокати и обвинетите.