Сѐ се знаело и сѐ било однапред испланирано, само не се знаел датумот кога ќе се случи, рече обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови во судскиот процес за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
На обвинителна клупа седат поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, за кои Русковска рече дека Обвинителството успеало да докаже дека изготвиле план да го загрозат уставниот поредок и со акти на насилство да оневозможат примопредавање на власта.
Во завршните зборови таа направи паралела и со упадот во американскиот Конгрес, алудирајќи дека кога демонстрантите упаднале во објектот, конгресмените и вработените биле евакуирани, како и дека првите соработници на Доналд Трамп застанале против него и во одбрана на Уставот, за разлика од кај нас.
„Не можам да не направам паралела со настаните од 6 јануари 2021 од Конгресот на САД. Пред влегувањето на масата народ, внатре сите конгресмени и вработени во Конгресот беа евакуирани, дури и потпретседател на САД, републиканецот Мајк Пенс, веднаш јасно соопшти дека е против Трамп и застана во одбрана на Уставот, за разлика од Вељаноски чија единствен грижа беше неговиот кабинет и неговото столче“,
рече Русковска.

Иако не го спомена со име, Русковска зборуваше и против сведочењето на премиерот Зоран Заев, кој во судот зборуваше дека обвинетите биле изманипулирани од Никола Груевски.
„Не може да стане збор дека сега обвинетите биле изманипулирани, тие и те како добро знаеле што прават ама се фрлиле на една карта: Да се спречи избор на претседател на Собранието и избор на влада од новото мнозинство“,
рече Русковска откако претходно цитираше искази од сведоци и дел од пораките од телефоните на обвинетите кои беа презентирани во текот на судењето.
Пред да ги каже завршните зборови, обвинителката направи измени во обвинението со кои Миле Јанакиески и Спиро Ристовски експлицитно ги посочи како непосредни организатори на протестите, за што реагираше одбрана велејќи дека има целосна измена бидејќи претходно двајцата ексминистри се посочуваа дека го организирале превозот и ги координирале општинските и месните комитети.

„Трајко Вељаноски требало да оневозможи избор на претседател со координирање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и спротивно на Деловникот не дозволил да се изврши измена или спојување на точките од дневниот ред на седницата на барање на пратеникот Оливер Спасовски. Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, непосредно и секојдневно, ги организирале протестите за по секоја цена да се спречи избор на претседател Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски, сега недостапен за органите на прогонот, ги мобилизирале и ги координирале членовите на групата предводена од Александар Василевски-Нинџа и Никола Митровски-Кољо, сега осудени, одржувајќи постојани средби во кафе барот ‘Аристократ’ сопственост на Нинџа, каде што ги договарале протестите, прво пред ДИК, правењето ‘молотови коктели’. Ги организирале и ги координирање водачите на патриотските здруженија за да се спречи мирно предавање на власта“,
рече обвинителката.
За конкретниот ден – 27 април 2017 година, Русковска, меѓу другото, посочи дека Вељаноски го информирал Груевски, кој тогаш беше во Виена, оти Заев најавил дека мнозинството ќе избере претседател на Собранието, дека преку ред му дал збор на Зекирија Ибраими, кој ја пееше албанската химна за што не ѝ дал знак на режијата да му го исклучи микрофонот.
За Миле Јанакиески, пак, посочи дека дента му испратил порака на Крсто Муковски „да застане пред тој што чита за да се оневозможи избор“.
Јанакиески и Ристоски, рече обвинителката, додека траел упадот од осмиот кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ им давале насоки на пратениците и цитираше две пораки за кои одбраната тврди дека ги немало во првичното обвинение. Едната порака испратена од Ристовски, која ја цитираше Русковска гласи: „Појачајте од секаде максимум“, додека таа од Јанакиески е со содржина: „Качете се во сала каде што е Заев“.
Поради ваквите нови моменти, адвокатите реагираа дека станува збор за големи и суштински измени на обвинителниот акт. Покрај тоа што бараа да се одложи нивното давање заврши зборови, адвокатите сметаат дека во ваква ситуација обвинетите треба одново да се произнесат за вина и, ако имаат, да дадат контрадокази.
Судијата Илија Трпков, кој е претседател на судечкиот совет, се повика на законот велејќи дека ако обвинителот оцени дека со изведените докази се променила фактичката состојба може да го измени обвинението, но и дека ако одбраната бара може да ги одложи нејзините завршни зборови. Имајќи ја предвид оваа одредба од ЗКП и тоа што обвинетите бараат одлагање, судот донесе решение на 6 и 12 јули да се продолжи со завршните зборови на одбраната.
Мала или суштинска измена на обвинението?
По завршувањето на рочиштето на кое Русковска ги даде завршните зборови, таа и одбраната во изјавите за медиумите излегоа со спротивставени ставови. Обвинителката тврди дека станува збор за мала измена.
„На јавноста да ѝ биде јасно, не е комплетно изменето обвинението. Има измена само во дејствијата на обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Тие измени се направија затоа што произлегоа од главната расправа, односно од одбраната на обвинетите. Обвинителството има неоспорни докази дека тие од првиот момент се едни од главните организатори на протестите „За заедничка Македонија“, а сето тоа за да се оневозможи избор на претседател на Собранието. И не ми е јасно зошто одбраната бараше одлагање на завршните зборови. Материјалните докази, СМС-пораките беа сите изведени на главната расправа“,
вели Русковска.
За делот дека сега со измените се тргнати наводите дека ги организирале и ги координирале месните комитети, таа вели за тоа немаат докази, но за организацијата на протестите доказите се цврсти.
Адвокатот Еленко Миланов, пак, во изјавата рече дека Русковска направила суштински промени, односно не успеала да ги докаже дејствијата дека ексминистрите ги координирале општинските и месните комитети, па морала да направи измени.
„Одбраната успеа да докаже дека тоа што им се ставаше на товар како дејствија падна во вода и затоа сега Обвинителството оди со сосема нови дејствија за кои одбраната ниту се произнела ниту понудила свои докази. Затоа сметам дека ова е триумф на одбраната. Сега имаме сосема нови дејствија – организирање протести. Ако дејствијата беа дека ги организирале партиските структури, сега се дека организирале пратеници. Кој пратеник и на кој начин го организирал? И она што е суштествено, во делот на насилство и организација на насилство, освен за некојси план, не ги товари ниту Трјако, ниту Миле, ниту Спиро. За што зборуваме? На кој начин е сторено терористичко загрозување? Со насилство или со уметници на протест?“,
праша Миланов.