Царинските власти потврдија дека 11-те камиони запрени завчера на граничниот премин „Богородица“, натоварени со т.н. РДФ-отпад, биле само дел од поголема пратка и дека додека се чекаат резултатите од испитувањата за содржината на товарот, некои камиони веќе се пристигнати во Скопје
Осум камиони со гориво од отпад пристигнаа во царинско складиште во Скопје. Информацијата до „360 степени“ ја достави лице кое сакаше да остане анонимно, но во чиј кредибилитет редакцијата можеше да се увери. До „360 степени“ пристигна и фотографија од дел од возилата, за чиј товар нашиот извор вели дека е загрижен. Неофицијално, во нив има гориво од отпад наменето за голем индустриски капацитет во главниот град на земјата, а потеклото на пратката е од Италија.

„360 степени“ праша во Царинската управа кога и зошто камионите влегле во земјата, каков товар носат и зошто се паркирани во царинско складиште во Скопје. Во писменото обраќање до Царината наведовме и дека поседуваме фотографија од возилата. Оттаму ни одговорија дека не ја виделе фотографијата за да кажат дали станува збор за камионите кои завчера беа запрени на граничниот премин „Богородица“ и од чиј товар беа земени мостри.
Но, царинските власти, сепак, потврдија дека 11-те запрени камиони биле само дел од поголема пратка и дека додека се чекаат резултатите од испитувањата за содржината на товарот, некои камиони веќе се пристигнати во Скопје.
„Информираме дека увозот на 11-те камиони што ги спомнувате се дел од пратка од 42 камиона. Од споменатите камиони се земени мостри за анализа и увозната постапка е привремено запрена се до добивање на резултатите од анализите. Камионите кои пристигнуваат, во меѓувреме се сместуваат под надзор во царински склад се до конечна одлука за продолжување на постапката. Претпоставуваме дека се работи за овие камиони, бидејќи немаме други увози на цврст отпад“,
велат од Царинската управа.
Единаесетте камиони со вкупно 261 тон отпад беа запрени на влез од Грција пред два дена, во вонредна контрола од Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и Царинската управа. По случаен избор биле земени мостри од два камиона кои се испратени на испитување во истражен центар во Естонија. Тие камиони, како што тогаш информираше Царината, носеа т.н. РДФ-отпад, односно преработено алтернативно гориво.
Според министерот за животна средина Насер Нуредини и директорот на царинската управа Ѓоко Танасовски, вонреден инспекциски надзор пред два дена на пратката со РДФ-отпад на граничниот премин „Богородица“ покажал дека документацијата е уредна. Но, товарот на камионите не е ставен во домашен промет затоа што се чекаат резултатите од земените мостри.
„Земени се примероци од РДФ, пуштени се во акредитирана лабораторија во Естонија од каде што очекуваме резултати во рок од 7 до 10 дена и тие ќе ви бидат соопштени кога ќе ги добиеме“,
рече Танасовски, кој дополни дека Царината, во однос на пратката запрена на ГП „Богородица“ со РДФ-отпад, постапила согласно сите надлежности.