Премиерот изрази уверување дека со Бугарија е можно решение исто како и со Грција, а од ЕУ побара да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги зачува историските и идентитетските разлики меѓу европските нации
Премиерот Зоран Заев денеска од Виена порача дека со премиерот и претседателот на Бугарија, Стефан Јанев и Румен Радев, направиле европски исчекор и го вратиле пријателскиот дијалог на сила, а за време на прес-конференција во рамки на Самитот за Западен Балкан организиран од Австрија, тој изрази уверување дека наскоро ќе има позитивна вест за Западен Балкан.
„Ставена во перспектива на конференцијата на ЕУ, оваа дебата се случува од клучен период од повеќе причини кои постојат и во ЕУ и на Западен Балкан. Утрово слетав во Виена од Софија. Вчера таму во Софија, со премиерот и претседателот на Бугарија, Јанев и Радев, направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол, братски народи. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе ѝ донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат. Европската перспектива мора да го победи евроспектицизмот“,
рече Заев.
- Заев се сретна и со Радев: Оваа посета на Софија ќе ги поттикне идните чекори за решение
- Заев дојде со конкретен предлог што ќе го разгледаме во наредните денови, соопшти привремениот премиер на Бугарија
На прес-конференцијата, премиерот ги пренесе сличните пораки како и во неговото обраќање на пленарната сесија односно дека сега постои солидна политичка поддршка за проширувањето на ЕУ која и него лично му била пренесена од европските лидери и челниците на Унијата на средбите изминатиот период. Затоа, рече Заев, е важно сега е многу важно уште погласно да се слушнат гласовите за вредностите на обединета Европа.
Премиерот изрази уверување дека со Бугарија е можно решение исто како и со Грција, а од ЕУ побара да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги зачува историските и идентитетските разлики меѓу европските нации.
„Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа ние како современи политичари треба да гледаме напред и да бидеме насочени кон решенија. Кога станува збор за Северна Македонија ние со Грција покажавме дека е возможно и од процес на недоразбирање да излеземе како посилни пријатели. Верувам дека тоа е возможно и со Бугарија и затоа бараме и создаваме истомисленици за оваа наша цел и за ова наше уверување. Во март минатата година Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Вклучително и Бугарија, потврди дека нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговорите се неспорни. Затоа бараме ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетските различности на нациите на европскиот континент“,
рече Заев на прес-конференција.
До граѓаните од регионот треба да се испрати порака дека Западен Балкан е нераскинлив дел до ЕУ и затоа според Заев, треба да се направи исчекор кој ќе значи почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, како и чиста европска перспектива за Косово и Босна и Херцеговина.
Заев учествува на Самитот за Западен Балкан во Виена на покана на австискиот канцелар Себастијан Курц. Таму се и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерите на Црна Гора и Косово, Здравко Кривокапиќ и Албин Курти, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, албанската министерка за инфраструктура и енергија, Белинда Балуку и посебниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Со Заев е и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кој учествуваше на сесија организирана на ниво на министрите за Европа.