Во обраќањето на пленарната-сесија, премиерот истакнал дека овој Самит се случува во клучен период за ЕУ и за регионот на Западен Балкан и порачал дека проширувањето на ЕУ не смее да се загрози со нови одложувања
Премиерот Зоран Заев денеска е во Виена каде учествува на Самит за Западен Балкан од каде се огласи со благодарност со австрискиот канцелар, Себастијан Курц, и со порака дека иднината на Европа е со Западен Балкан и обратно.
„Упатувам искрена благодарност до канцеларот на Австрија, Себастијан Курц кој денеска во Виена повторно демонстрира вистинска одговорност и лидерство и кон Западен Балкан и кон Европа. Сè додека постојат вакви лидерства посветени на интеграциите, европската идеја нема да може да биде сериозно загрозена, а европската перспектива секогаш ќе биде победник над евроскептицизмот. Денешната панел-дискусија во Виена уште еднаш покажува дека иднината на Европа е со Западен Балкан, а иднината на Западниот Балкан е со Европа“,
порача Заев преку Фејсбук.
Во обраќањето на пленарната-сесија, пак, Заев истакнал дека овој Самит се случува во клучен период за ЕУ и за регионот на Западен Балкан. Проширувањето на ЕУ, рекол премиер, не смее да се загрози со нови одложувања.
„Со новата Европска комисија, која ја продолжува искрената определба за проширување на претходната, и со лидерите на земјите членки на Европската Унија кои ја прифатија новата методологија за проширување, оваа стратешка цел на ЕУ доби повторна виталност која не смее да се загрози со натамошни одлагања на сериозни и конкретни чекори кои се однесуваат на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан“,
рекол Заев.
Тој оценил дека Северна Македонија, со Грција покажа дека е возможно и од процес на недоразбирање да излезат како посилни пријатели и затоа верува тоа е возможно и со Бугарија.
Од Владата соопштија дека Заев зборувал и за тоа дека има солидна политичка поддршка за проширувањето на Унијата која нему лично му ја потврдиле повеќе европски лидери, како и највисоките претставници на ЕУ.
„Затоа да ја направиме заеднички 2021 година како година за паметење, година во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме – нема да запреме“,
рекол премиерот во Виена.
На пленарниот состанок кој го организираше Курц, покрај Заев учествуваа и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерите на Црна Гора и Косово, Здравко Кривокапиќ и Албин Курти, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, албанската министерка за инфраструктура и енергија, Белинда Балуку и посебниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Со Заев е и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Покрај учеството на Самитот, според најавата од Владата, премиерот ќе има и билатерална средба со Курц.