Ставот на хрватскиот премиер е многу дипломатски во споредба со оној на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој во повеќе наврати досега отворено ја критикуваше Бугарија дека ја злоупоребува својата позиција во однос на С Македонија
Хрватска направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија и сака да се решат преостанатите прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија за да дочекаме датум на преговори со двете земји, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кој се одржува во Анталија.
Пленковиќ вели дека Хрватска е една од земјите што се залагаат за процесот на проширување и дека минатата година на самитот во Загреб, кој се одржа во видео формат, направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија.
„Денеска реков дека сакаме да се решат сите преостанати прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека треба да го поздравиме тој момент, датумот на отворање на преговорите“,
рече Пленковиќ.
На самитот беше усвоен документ за перспективата на развојот на целата област на Југоисточна Европа до 2030 година, кој ги следи глобалните и европските предизвици.
„Документот повикува на подобра соработка, билатерална и регионална и постепена поддршка за оние земји кои имаат амбиција да влезат во Европската унија, а моето излагање беше во та анасока“,
рече Пленковиќ.
Според него, клучот е инфраструктурна соработка, економска соработка, трговија и тој предупреди на проблемот со негативните демографски трендови што е присутен низ цела Југоисточна Европа.
Но, ставот на хрватскиот премиер е многу дипломатски во споредба со оној на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој во повеќе наврати досега отворено ја критикуваше Бугарија дека ја злоупоребува својата позиција во однос на С Македонија, истакнувајќи дека тоа оди на штета на ЕУ.
Поради ова Пленковиќ го обвини Милановиќ дека е подбуцнувач и виновник за инцидентите кога државјани на Бугарија беа нападнати во Загреб.