Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но се прејде во навика таа земја „да се шутира“ кога и да му одговара тоа некому, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пренесува „Јутарњи лист“.
Неговата денешна изјава доаѓа откако официјална Софија ги осуди неговите изјави за бугарската политика кон европската интеграција на земјата кои тој ги даде за време на самитот во Бардо кај Крањ, Словенија.
„Се навикнаа да ја третираат Македонија како ’сајд кик‘ (side kick), некој кој го шутираш од страна, ако имаш некои внатрешно-политички проблеми кои не можеш да ги решиш тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија прилично висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа се повеќенационални заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример“,
вели Милановиќ.
Тој во изјавата што ја пренесува „Јутарњи лист“ вели дека земјата, меѓу другото, „се покорила на грчките барања и пред името Македонија ставила Северна“.
„Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа оној услов кој навистина е влегување во интимниот простор. Земјата е жртва на недостиг на интерес па, ако сакате, и на основна емпатија. Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија“,
вели Милановиќ.
Како што пренесува „Јутарњи лист“, хрватскиот претседател вели дека тоа што тој го кажал го мисли секој, но само е прашање кој ќе се осуди и да го каже јавно.
„Би сакал и другите тоа да го кажат, сите коментираат низ кулоарите и се згрозуваат“,
вели Милановиќ.
Поради изјави на претседателот на Хрватска на самитот во Бардо кај Крањ, по барање на бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, вчера на разговор беше повикана хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац. Таа била примена од генералниот директор за европски прашања, Румен Александров, кој изјавата на претседателот Милановиќ ја оценил како неприфатлива и неоправдана.
Во изјавата која ја налути официјална Софија, Милановиќ рече дека Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите.
„Ова што сега е официјална политика на една земја членка на ЕУ и го прави на Северна Македонија и јас го нарекувам ‘влегување во туѓо’, односно влегување во интимниот простор. Да се бара од една земја кандидат, која и во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава, тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам“,
рече Милановиќ.