Вкупно 28 студенти на возраст од 20 до 21 година се соочуваат со кривична пријава бидејќи ги прекршиле мерките за групирање славејќи положен испит по предметот анатомија.
Како што информира Основното јавно обвинителство-Скопје, поднесен е предлог за издавање казнен налог за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетите, сите на возраст од 20 и 21 година, на 21 мај во раните утрински часови, биле затекнати при проверка во стан на улицата ’Славејко Арсов’ каде што биле собрани на прослава за положен испит по анатомија. Со ова тие постапиле спротивно на прописите со кои се определени мерки за спречување на коронавирусот, а со кои се забранува групирање на прослави и други собири заради заштита на здравјето на населението“,
информираат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд-Скопје достави предлог да определи парични казни за сите обвинети од по 100 дневни глоби, при што поединечната вредност на дневната глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност, односно по 2 000 евра по лице.