За време на разговорите, Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а Бајден ќе биде придружуван од американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков денеска соопшти дека самитот на претседателите на Русија и на Соединетите Американски Држави, Владимир Путин и Џо Бајден, ќе започне утре во 13 часот по средноевропско време во Вила ла Гранж во Женева.
Путин ќе биде пречекан од претседателот на Швајцарија во Вилата, по што ќе дојде и Бајден, пренесува РИА Новости.
Потоа ќе следи традиционалното заедничко фотографирање и обраќање на претседателот на Швајцарија, по што Путин и Бајден ќе се преселат во библиотеката.
Ушаков рече дека преговорите ќе се состојат од три дела – прво во тесен, а потоа и во проширен состав, по што ќе следат одделни прес-конференции.
За време на разговорите, Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а Бајден ќе биде придружуван од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Ушаков рече дека не знае дали двајцата претседатели ќе сакаат да се тргнат настрана и да разговараат тет-а-тет и додаде дека тоа зависи од нив двајцата.
Покрај Ушаков и Лавров, во руската делегација ќе бидат и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов, началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валери Герасимов и рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
По самитот, Путин ќе се сретне со неговиот швајцарски колега, по што ќе се врати во Русија.
Во врска со очекувањата од оваа прва средба, Путин неодамна изјави дека не се очекува ништо посебно.