Путин и Бајден ќе се сретнат на 16 јуни и се претпоставува дека ќе разговараат за руско-американските односи, стратешката стабилност, како и борбата против ковид 19 и решавањето на регионалните конфликти
Москва и Вашингтон се обидуваат да ја намалат негативната реторика, но не треба да се залажуваме по тоа прашање, рече претседателот на Русија, Владимир Путин, зборувајќи за очекувањата од средбата со американскиот колега, Џозеф Бајден неделава во Женева.
„Во пресрет на самитот на највисоко ниво, двете страни секогаш се обидуваат да ја намалат негативната реторика со цел да создадат соодветна поволна атмосфера за работа. Нема ништо посебно во тоа, не треба да ве залажува ништо. Тоа е професионален пристап“,
рече Путин во интервју за платформата Смотрим.
„Од наша страна, ние исто така го правиме тоа“,
додаде тој.
Путин ги наведе и главните очекувања од средбата со американскиот претседател „воспоставување директен дијалог и создавање механизам кој навистина работи во бројни области во кои постои заемен интерес“.
Меѓу прашањата од заеднички интерес, рускиот лидер ја спомена стратешката стабилност, темата регионални конфликти, мерките за заштита на животната средина и грижата за животната средина воопшто, во глобална смисла, како и соработката во областа на економијата.
„Ако создадеме механизми за работа во сите овие области по овој состанок, мислам дека ќе биде добро. Може да се каже дека состанокот не бил залуден “,
прецизира Путин, пренесе Спутник.
Според рускиот претседател, Русија и Соединетите држави би можеле ефикасно да работат и на економско поле.
„Патем, постои заеднички интерес во областа на економијата. Многу американски компании сакаат да работат со нас, но тие се ‘влечени за уши’ од нашиот пазар и им отстапуваат место на конкурентите. Дали американската економија навистина има корист од тоа? Се на се, имаме за што да разговараме“,
заклучи Путин.
Средбата меѓу Путин и Бајден ќе се одржи на 16 јуни во Женева. Кремљ истакна дека не очекуваат многу од преговорите поради постојните несогласувања меѓу Русија и Соединетите држави. Се претпоставува дека претседателите ќе разговараат за руско-американските односи, стратешката стабилност, како и борбата против ковид 19 и решавањето на регионалните конфликти.