Парадата беше одобрена по состанокот на новиот министер за внатрешна безбедност Омер Барлева со началниците на полицијата и другите безбедносни службеници
Новата израелска влада ја одобри контроверзната парада на израелските националисти низ областите во Ерусалим каде што живеат Палестинци во близина на стариот град. Хамас, пак ги повика Палестинците „да се спротивстават на маршот“.
Парадата е закажана за денес во Источен Ерусалим, каде што започнаа тензиите што предизвикаа 11-дневно гранатирање меѓу Израел и Палестинците од Појасот Газа во мај.
Палестинските групи повикаа на „ден на бес“ против маршот во Ерусалим, пренесува Ројтерс и наведува дека сè уште се свежи нивните спомени од судирите со полицијата во близина на џамијата „Ал Акса“, минатиот месец, по што започна насилството.
„Ова е провокација против нашиот народ и агресија против нашиот Ерусалим и нашите свети места“,
рече палестинскиот премиер Мохамад Штајех.
Парадата беше одобрена по состанокот на новиот министер за внатрешна безбедност Омер Барлева со началниците на полицијата и другите безбедносни службеници.
Барлева рече дека полицијата е добро подготвена и дека се преземени сите мерки за одржување на јавниот ред и мир.
Маршот низ муслиманскиот кварт во Ерусалим првично требаше да се одржи на 10 јуни, но полицијата го забрани во последен момент, кога Хамас истрела ракети кон Светиот Град, а Израел одговори со воздушни напади врз Газа.
Екстремнодесничарските израелски групи ја обвинија владата дека му се предала на Хамас и го одложија маршот.
Хамас предупреди дека одржувањето на маршот ќе предизвика нови тензии, а израелските медиуми јавуваат дека армијата се подготвува за можна ескалација тензиите.
Агенциите проценуваат дека одржувањето на парадата претставува прв предизвик за новата израелска влада, која стапи на должност вчера, откако во неделата ја доби довербата во парламентот.