Стивнувањето на коронавирусот треба да се искористи за подготовка, да се спречи или барем да има поблаг четврти бран, велат од опозициската партија
Наместо редовно вакцинирање, главни се врските во вакцинирањето, бидејќи повторно недостигаат вакцини, обвинува денеска ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче вели дека вакцинацијата тече според планот. За Венко Филипче има и масовна вакцинација. Но, реалноста е друга. Вакцини нема, има ревакцинација. Може да се најде и по некоја вакцина, ама само ако фатите врски. Замислете, Филипче направи да се фаќаат врски за да се прими вакцина“,
критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат од опозициската партија, стивнувањето на коронавирусот треба да се искористи за подготовка, да се спречи или барем да има поблаг четврти бран.
„Ова може да се постигне многу едноставно, да се набават вакцини и граѓаните да стекнат имунитет до есен. Но Филипче ги излажа граѓаните. Не им објасни дека треба веднаш да се пријават за вакцина на електронскиот систем, бидејќи доколку се пријават повеќе пати или ако се пријавиле во мај прашање е дали ќе дојдат на ред во септември“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
