Вработена во СЈО како стручна соработничка, Сања Димовска, која била шефица на кабинетот на Катица Јанева, денеска беше еден од петте сведоци на рочиштето за предметот „Рекет“.
Во својот исказ таа најмногу зборуваше за издавањето на времениот пасош на Орце Камчев, кој е осомничен во случајот „Империја“. Како што рече таа, се сеќава на периодот кога стигнало барањето, за што телефонски ја известила Катица Јанева бидејќи била отсутна од работа тие денови.

„Ми кажа да се даде позитивно мислење за патната исправа и јас ѝ пренесов на колешката која беше во тимот на Лиле Стефанова (обвинителката која го води предметот ‘Империја’). Тогаш специјалната обвинителка беше отсутна и во такви ситуации овластена за потпишуваше беше обвинителката Елизабета Јосифоска. Ѝ пренесов и неа“,
раскажуваше Димовска
Откако барањето ѝ го предала на Јосифоска, таа потоа ја побарала телефонски Димовска бидејќи докуметнацијата не била комплетна.
„Тогаш ѝ се јавив уште еднаш на специјалната обвинителка, која ми рече ‘нека си остане така’. Потоа уште еднаш ја барав специјалната обвинителка, зашто требаше да прашам во однос на барањето времениот пасош да биде со важност од 8 месеци. Специјалната обвинителка ми рече да не се произнесуваме за рокот туку за тоа да одлучи судот. Истото ѝ го пренесов на Елизабета Јосифоска и тоа е сè што ми е познато“,
сведочеше Димовска.