Една од препораките на Кризниот штаб и на Комисијата за заразни болести, која е на дневен ред на оваа владина седница, предвидува укинување на мерката за работа во смени и од далечина
Наместо онлајн седница, како што се практикуваше во сите изминати месеци, Владата денеска ќе одржи седница со физичко присуство на министрите.
Како што соопштија од Владата, на денешната седница (на „Илинденска“ бр. 2) ќе биде разгледан записникот од вчерашниот 39. состанок на Главниот координативен кризен штаб, кога беа прифатени препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките за заштита од ковид-19.
Една од препораките на Кризниот штаб и на Комисијата за заразни болести, која е на дневен ред на оваа владина седница, предвидува укинување на мерката за работа во смени и од далечина.
Пред министрите денеска ќе биде и записникот од 13. седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 28 мај .
Освен Владата, која се враќа на седници со физичко присуство, и парламентот од овој месец ќе почне да заседава во старата пленарна сала, наместо во салата со куполи, каде што се одржуваа седниците од конституирањето на овој собраниски состав, во август минатата година.
