Граѓаните на возраст над 60 години, кои се вакцинирале во Србија со вакцината на „Астра Зенека“, ќе може да пријават за ревакцина во земјава преку интернет-страницата на Министерството за здравство ревакцинација.мк. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека така ќе се добие евиденција за дел од граѓаните што се вакцинирале во српските пунктови за вакцинација. Но тоа нема да ги опфати и помладите од 60 години. Тие ќе треба повторно да одат за ревакцина во Србија и потоа да се пријават кај матичниот лекар. Списоците со македонски државјани вакцинирани во Србија сѐ уште не се стигнати до Министерството за здравство.
„Списоците не ги добивме, иако неколкупати разговаравме со министерот Лончар. Може кој било граѓанин ревакциниран на кое било место да се пријави кај матичниот лекар и тој во податокот ќе стави дека граѓанинот е ревакциниран“,
изјави Филипче.
Според објаснувањето на Филипче, сите сертификати што ќе ги добијат ревакцинираните во Србија се валидни како и сертификатот што ќе се издава во земјава и кју-ар кодот и од српските сертификати ќе може да се скенира со апликацијата која се очекува да биде во употреба наредните денови.
Во однос на вакцинацијата во земјава, министерот рече дека се одвива со очекуваното темпо и најави дека следната недела се очекуваат 20 000 вакцини донација од Грција и 50 000 од Бугарија.
Дополнително, во јуни, како што рече, пристигнуваат вакцини преку Ковакс, но и кинески вакцини, па министерот Венко Филипче очекува вакцинацијата да продолжи со ова темпо, од околу 10 000 вакцинирани дневно.