Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја оцени одлуката на ОН како срамна
Советот за човекови права на Обединетите нации донесе одлука да почне меѓународна истрага за кршење на човековите права за време на воениот конфликт што 11 дена се случуваше на Појасот Газа и во Израел. Истрагата треба да ги открие и корените на тензиите што прераснаа во војна.
Француските медиуми јавуваат дека резолуцијата за истрагата е усвоена на вонредниот состанок на Советот за човекови права со 24 гласа „за“, девет „против“ и 14 „воздржани“ и тоа на барање на Пакистан.
Резолуцијата бара создавање постојана истражна комисија, најмоќната алатка што му е достапна на Советот за следење и известување за кршење на човековите права, јавија американските медиуми, додавајќи дека ова ќе биде прва комисија со ваков мандат.
На отворањето на состанокот, високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Башелет, рече дека израелските сили можеби извршиле воени злосторства и го критикуваше палестинскотот исламистичко движење Хамас за кршење на меѓународното право за време на 11-дневната војна што заврши минатиот петок со прекин на огнот.
Комисијата, исто така, ќе ги испита причините за периодичните тензии, нестабилноста и долготрајниот конфликт, вклучително и дискриминација и репресија.
Кина и Русија гласаа „за“, а неколку западни и африкански земји гласаа против, пренесуваат американските медиуми.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска експресно реагираше на одлуката на ОН за почеток на меѓународна истрага за злосторства во Газа, изјавувајќи дека смета дека овој чин ги охрабрува терористите ширум светот.
„Денешната срамна одлука е уште еден пример за анти-израелската опсесија на Обединетите нации. Уште еднаш, мнозинството во Советот за човекови права застана во одбрана на геноцидна терористичка организација која намерно се насочува кон израелски цивили, истовремено претворајќи ги цивилите од Газа во жив штит“,
рече израелскиот премиер во изјавата.
Нетанјаху оцени дека оваа одлука го исмева меѓународното право и ги охрабрува терористите ширум светот.