Обединетите нации денеска соопштија дека околу 800 илјади луѓе во Газа немаат пристап до чиста вода за пиење, бидејќи скоро 50 проценти од мрежата за водоснабдување е уништена во неодамнешниот вооружен судир меѓу Хамас и Израел.
Како што јави телевизијата Ал Арабија, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи соопштила дека околу 17 илјади станбени, јавни и деловни згради биле оштетени или уништени за време на единаесетдневниот конфликт.
Според Светската организација, од 10 мај, кога почна конфликтот, оштетени се 53 образовни институции, шест болници и 11 здравствени домови.
Училиштата во Газа се затворени, поради што околу 600 илјади ученици не посетуваат настава.
Прекинот на огнот меѓу Израел и палестинските милитанти во Појасот Газа, предводени од Хамас, се почитуваше до денеска, а официјални лица тврдат дека египетските посредници од двете страни се обидуваат да постигнат подолготраен договор за прекин на воениот конфликт.
Примирјето почна во петокот рано утрината, во 2 часот, со што заврши 11-дневната размена на гранатирања што предизвика ново уништување на Газа, го потресе Израел и предизвика меѓународна загриженост дека ќе има уште поширок конфликт во регионот.
Египет, земјата која посредуваше во завршувањето на конфликтот со помош на САД, во петокот околу пладне испрати делегација во Израел да разговара за зајакнување на примирјето, вклучувајќи и испраќање помош за Палестинците во Газа.
Делегатите оттогаш посредуваат меѓу Израел и Газа, додека преговорите продолжија и денеска, соопштија палестинските власти.
И покрај вчерашните судири меѓу израелската полиција и палестинските демонстранти во Ерусалим, од денеска изутрина нема извештаи за ракетни напади на Хамас од Газа или израелски воени напади врз енклавата.
Американскиот претседател, Џо Бајден, пред два дена изјави дека Вашингтон ќе работи со Обединетите нации на доставувањето хуманитарна помош во Газа, како и помош во градењето, со внимателност оваа помош да не се користи за вооружување на Хамас, движење кое Западот го смета за терористичко.