Без многу детали од средбата, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека тој денеска се сретнал со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва.
Од вилата „Водно“ потенцираат дека двајцата разговарале за важноста да има напредок во преговорите и дека размениле информации за билатералните прашања помеѓу Скопје и Софија.

„На средбата се разговараше за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на Советот на Европската Унија следниот месец. Соговорниците разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија. На средбата се потенцираше важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Исто така, додаваат, претседателот му се заблагодарил на Силва за напорите на португалското претседателство да ја одржи во фокусот дебата за проширување на ЕУ.
Силва допатува во Скопје заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји откако прво беа во посета на Софија.
Таму бугарските власти им порачаа дека не треба да се надеваат оти Бугарија ќе ги смени позициите за Северна Македонија.
„Не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија. За нас останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство“,
изјави бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев.