Ако има скриена амнестија, таа амнестија многу порано ја даде еден претседател на државата за денешниот премиер, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип
ВМРО-ДПМНЕ не поддржувана никаква скриена амнестија со Законот за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти, кој минатата недела беше изгласан во Собранието, според претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
При денешната посета на Штип, Мицкоски, одговарајќи на прашање за Законот за легализација на дивоградби, рече дека премиерот Зоран Заев е единствен аболиран политичар во државата, кој освен тоа, како што посочи, го почнал мандатот со судски процес.
„Мислам дека прашањето се политизира без потреба. Повторно се препелкаат од СДСМ и бараат виновник таму каде што не е виновникот. Нека се погледнат самите и ќе го добијат одговорот. Ако има скриена амнестија, таа амнестија многу порано ја даде еден претседател на државата за денешниот премиер, кој е единствен аболиран политичар, кој со активен судски предмет влезе во неговиот мандат во 2017 година“,
рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека нема скриена амнестија во најновата верзија на Законот за легализација на дивоградби и посочи дека во текот на јавната дебата што следува прецизно ќе се слушнат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Стево Пендаровски стави вето на Законот за бесправно изградени објекти, посочувајќи го како најспорно тоа дека тој предвидува скриена амнестија за дела поврзани со бесправно градење. Доколку Собранието повторно го усвои истото решение со апсолутно мнозинство, Пендаровски ќе биде обврзан да го потпише указот.