Официјална Москва го оценува како непријателски чин прогласувањето на рускиот дипломат за персона нон грата и посочува дека тоа не може да не влијае на односите меѓу С Македонија и Русија
Русија најави контрамерки за С Македонија, по протерувањето на рускиот дипломат пред неколку дена.
Руското министерство за надворешни работи, во денешната објава, го оцени прогласувањето на дипломатот за персона нон грата како непријателски чин кон дипломатската мисија во Скопје.
„На 14 мај беше преземен непријателски чин против руската дипломатска мисија во Северна Македонија. Локалните власти прогласија еден од дипломатите за персона нон грата. Ние силно ги осудуваме ваквите немотивирани активности, кои не можат а да не влијаат на односите меѓу Русија и Северна Македонија. Следуваат контрамерки“,
се наведува во информацијата на руското МНР.
❗️ 14 мая в отношении российского диппредставительства в Северной Македонии был предпринят недружественный акт. Один из дипломатов был объявлен «persona non grata».
— МИД России ?? (@MID_RF) May 20, 2021
Решительно осуждаем подобные немотивированные действия.
Ответные меры последуют.
? https://t.co/hi7CIsV64A pic.twitter.com/UAek8WOhOj
На 14 мај рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Александровиќ Баздикин, бил повикан во македонското Министерството за надворешни работи, каде што бил известен дека еден руски дипломат е прогласен за персона нон грата и дека за неколку дена треба да ја напушти земјата. Како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.
Претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот со рускиот дипломат што е протеран од Скопје е документиран и од тоа што го видел, како што посочи, не станува збор за импровизација.
Во последните неколку месеци неколку европските држави презедоа активности за откривање шпионски групи во своите земји, што резултира со прогласување на повеќе руски разузнавачки службеници за персона нон грата. Во повеќето случаи следуваа реципрочни мерки од Москва.
С Македонија подолго време нема амбасадор во Москва, каде што, според информациите, има само двајца наши дипломати од понизок ранг. Иако Ненад Колев од МНР ги помина процедурите за амбасадор во Русија, тој сѐ уште не заминал во мисијата.