До последен момент останува отворена дилемата дали воопшто ќе се пополнува заменик-претседателската функција. Соговорници од партијата велат дека Заев утре ќе го изнесе своето мислење пред досегашниот ИО, кој ќе „пресече“ дали ќе има кандидат(ка) за заменик и кој би ја преземал таа позиција
Премиерот и лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа се врати од Атина, а попладнево, на координација со партискиот врв, ја составил кандидатската листа за нови членови на Централниот одбор на владејачката партија, пред утрешниот изборен конгрес.
Според информации на „360 степени“, повеќе од половина од 120 кандидати што утре ќе им бидат предложени за избор на делегатите на конгресот се нови имиња, односно не се членови на досегашниот состав на ЦО, кој беше избран во 2017 година. Како што велат извори од раководството на СДСМ, дел од кандидатите не само што не се членови на овој состав на ЦО, туку досега воопшто не биле дел од партиското раководство.
Подновување или проветрување на „Бихаќска“?
Листата од 120 кандидати што ја подготвил Заев, а која ќе му биде понудена на конгресот, претходно треба да биде утврдена од сегашниот состав на ЦО и на Извршниот одбор, кои ќе заседаваат утре пред конгресот. Кандидатите, како што велат од партијата, се избрани од околу 3 000 предлози од членството од кои потоа 500 кандидатури биле доставени до партиската централа како предлози на општинските конфеенции на разграноците на СДСМ.
До последен момент останува отворена дилемата дали воопшто ќе се пополнува заменик-претседателската функција, што досега ја извршуваше Радмила Шекеринска. Соговорници од партијата велат дека Заев утре ќе го изнесе своето мислење пред досегашниот ИО, кој ќе „пресече“ дали ќе има кандидат(ка) за заменик и кој би ја преземал таа позиција. Односно дали тоа би била директорката на УЈП Сања Лукаревска, со чие име шпекулираа дел од медиумите деновиве.
За Шекеринска, пак, е извесно дека засега нема да биде ниту во новиот состав на ЦО. Нејзиното име го нема на предлог-листата, откако и самата објави дека не е кандидат за функција на претстојниот конгрес.
Како ќе се гласа тајно, а дигитално ?
Овој 26.конгрес на СДСМ е втор што партијата го одржува онлајн, по конгресот минатата година, кога се носеа измени на партискиот Статут, меѓу другото, и за овозможување непосредни избори за лидер на партијата.
Според информации од партијата, право на глас на утрешниот конгрес имаат 890 делегати. Освен 120 членови на ЦО, тие треба да изберат и девет членови во новиот состав на партискиот Надзорен одбор.
Но, со оглед на тоа што гласањето за избор на партиските органи е тајно, прашање е како ќе се реализира тоа без гласачки кутии и во ситуација кога делегатите нема да бидат физички присутни на едно место, со исклучок на досегашните членови на партиското раководство кои треба да се соберат во централата на „Бихаќска“.
Од партиското раководство објаснуваат за „360 степени“ дека конгресот ќе се одржи на 30 пункта низ земјава и централно во Скопје. Овозможено е, тврдат, тајно гласање: од мобилен телефон или преку телефонска апликација, така што на секој пункт ќе има посебни електронски алатки за гласање. Исто така, има опција и за јавно гласање, со картончиња во боја. Како што велат од партијата, отворени се сите опции за гласање, а конгресот ќе одлучи како ќе се гласа.
Што по конгресот
Освен изборот на новите партиски органи, на утрешниот конгрес ќе се разгледува и извештајот за функционирањето на партијата меѓу два изборни конгреси, што би значело во периодот од 2017 година досега. Тоа е периодот во кој СДСМ излезе од опозиција и овие четири години е владејачка партија, која, во меѓувреме, помина низ три изборни циклуси (локалните избори во 2017 година, претседателските во 2019 и предвремените парламентарниво 2020 година) на кои однесе победа и ги зацрвсти своите позиции во повеќето нивоа на власта.
По утрешниот конгрес, следи комплетирање на новото раководство на владејачката партија. Од новоизбраните членови на ЦО, потоа ќе биде избрано најтесното партиско раководство, односно новиот состав на ИО, како и од двајца до четворица потпретседатели на партијата.
Исто така, по конгресот, новиот ЦО, по предлог на Заев, треба избере нови секретари на партијата (генерален, организациски и меѓународен).
Од партијата велат дека по конгресот ќе почне постапката за избор на кандидати за градоначалници и за советници за новите локални избори, што треба да се одржат наесен, поточно во втората половина на октомври.