Затворски казни за ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков и за шестмината припадници на полициските „алфи“, побара обвинителот од поранешното СЈО, Љубомир Лапе, во неговите завршните зборови за случајот „Тортура“ кој се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011, ден по тогашните парламентарни избори. Тие се обвинети за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
„Согласно меѓународното право и пракса сметам дека во конкретниот случај единствено изрекување на ефективни казни затвор ќе делуваат одвратувачки на сите идни можни сторители“,
рече Лапе.
При извршување на делото, рече обвинителот, со директна умисла е понижен Љубе Бошкоски, настанот е снимен, а потоа и јавно прикажуван на сите телевизии, поради што последицата е непоправлива и неотстранлива.
„Комплексноста на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиториум, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник во јавност“,
рече Лапе.
Обвинителот нагласи дека од „бомбите“ се гледаат сите елементи на кривичното дело и доколку се вкрстат со исказите од сведоците на апсењето и одбраната на обвинетите, се доаѓа до, како што рече, „несоборлив заклучок“ кој е нарачателот и кои се мотивите за ваквото апсење на Љубе Бошкоски односно кој фактички раководел со самата акција.
„Токму обвинетиот Мијалков денови претходно на пријатели им ја најавувал оваа акција. Токму тој, додека Љубе Бошковски, стои со лисици врзан на лице место, на уредници на медиумите им споделува интересни детали од случајот, а потоа и дека за двете дела ќе добие казна затвор од седум-осум години“,
рече Лапе.
Покрај на „бомбите“, тој ги анализираше и снимките од апсењето, како и медицинските вештачења за траумите кои ги имал Бошкоски од ваквиот начин на апсење.
Сашо Мијалков и останатите обвинети заедно со адвокатите, своите завршни зборови треба да ги дадат на 26 мај, по што ќе се закаже и рочиште за изрекување на пресудата. Судскиот процес го води судијката Александра Ристеска.