Демократскиот сојуз не го поддржува Законот за добивање правен статус на бесправно изградени објекти и бара претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот. Според партијата на Павле Трајанов, со законот ќе се привилегираат оние што ги кршат законите и се директно одговорни за градежниот хаос.
„Има објекти изградени во заштитени зони, што е спротивно на деталните урбанистички планови и објекти што ја попречуваат реализацијата на урбанистичките планови. Ставањето во нерамноправна положба на граѓаните е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите. Чесните граѓани подготвуваат проекти, бараат дозволи за градба, плаќаат комуналии и ги почитуваат сите прописи. Додека оние што градат бесправно и узурпираат земјиште, диво се приклучуваат на водоводните мрежи, електричната енергија, ги кршат сообраќајните решенија и слично, не смеат да бидат и натаму мотивирани и лош пример за во иднина“,
се наведува во соопштението од ДС.
Од партијата додаваат дека Демократскиот сојуз има разбирање за социјалните аспекти, но дека се против градежен хаос и легализација на хациенди, деловни објекти и куќи со базени.
Вчера Собранието го изгласа законот за дивоградби, кој предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.