Во Франција растат полемиките околу отвореното писмо потпишано од поранешни припадници на војската, во кое се предупредува на закана од граѓанска војна
Марин ле Пен, од десничарскиот Национален сојуз, им даде целосна поддршка на пензионираните генерали, додека министерката за одбрана луто реагираше на објавувањето на писмото
Група од 20-ина генерали во пензија потпишаа отворено писмо во кое ја повикуваат армијата да изврши воен удар и да го симне од власт претседателот Емануел Макрон. Уште 80 поранешни високи офицери се приклучија кон групата пензионирани генерали, што дополнително му дава тежина на отвореното писмо, пренесува „Б92“.
Меѓу потписниците на писмото е и Кристијан Пикемал (80), генерал во пензија, поранешен командант на Легијата на странци, една од најпознатите воени единици во светот. Тој ги загуби своите почести како пензиониран генерал откако беше уапсен за учество во антиисламски демонстрации во 2016 година.
Во писмото се наведува дека претседателот на Франција, Емануел Макрон, не може да го запре распаѓањето на земјата од исламистите. Писмото е објавено во десничарскиот магазин „Валер актуел“ и во него отворено се повикува армијата да изврши воен удар со цел да се спречи граѓанска војна во Франција. Писмото прво беше објавено на 21 април, на денот на 60-годишнината од неуспешниот пуч.
„Времето е тешко, Франција е во опасност“,
наведуваат потписниците на писмото.
Како што пренесува „Б92“, Марин ле Пен, лидерка на десничарскиот Национален сојуз, испрати порака до пензионираните генерали во која им даде целосна поддршка
„Ве поканувам да се вклучите во започнатата битка и во битката која е над сите битки, битката за Франција. Како граѓанин и како жена политичарка, го споделувам вашето страдање“,
рече Марин Ле Пен.
Нејзиниот одговор беше во ист ден кога беше извршен фатален напад со нож во полициска станица југозападно од Париз, кој се третира како можен терористички напад.
Таа особено го потенцира случајот со патриотот генерал Пјер де Вилер, поранешен началник на Генералштабот, кого Макрон го отпушти во 2017 година откако тој јавно го критикуваше претседателот за намалување на финансиските средства од буџетот за армијата.
Ова е првпат од создавањето на Петтата република претседателот да го смени началникот на ГШ.
На претседателските избори следната година се очекува жестока пресметка меѓу Макрон и Ле Пен, која според последните анкети на јавното мислење има поголема поддршка од јавноста.
Писмото беше остро осудено од владата на Макрон, споредувајќи го со неуспешниот воен удар пред 60 години, кога генерали се обидоа со воен удар да го сменат тогашниот претседател Шарл де Гол.
„Ова не се прифатливи активности“, рече во понеделникот министерката за одбрана Флоренс Парли и додаде дека припадниците на армијата го прекршиле законот со кој се бара да останат политички неутрални. „Секако, ќе има последици“, рече Парли и додаде дека му наредила на началникот на Генералштабот да ги дисциплинира.
„Франција е во опасност. Ѝ се закануваат неколку смртни опасности. Дури и во пензија, ние остануваме војници на Франција и не можеме во сегашните околности да останеме рамнодушни на судбината на нашата прекрасна земја. Дезинтеграцијата на земјата ја прават исламски орди од предградијата, кои одделуваат големи делови од нацијата и ги претвораат во територии подложни на догми спротивни на нашиот Устав“,
се вели, меѓу другото, во писмото.
Француската министерка за одбрана Флоренс Парли луто реагираше на објавувањето на писмото од пензионираните генерали.
„Тие се во пензија и повеќе не се активни војници, немаат никаква функција и се претставуваат само себеси. Неутралноста и лојалноста се два принципа што се клучни за секој војник. Политизацијата на армијата ќе ги ослаби нашите воени можности и ќе ја загрози Франција. Армијата не е во кампања и таа е тука за да ја брани и да ја заштити земјата“,
рече таа.