Здравата коска која денеска ја доби 19-годишно момче со малигно коскено ткиво е добиена со експлантацијата на коскените ткива што се случи на 17 април, откако семејството на 20-годишната трагично почината Верица Белчовска одлучи да ги донира нејзините органи
На Клиниката за Ортопедски болести штотуку заврши првата трансплантација на коска кај 19 – годишен пациент од починат донор, во оперативен зафат кој траел пет часа, соопптија од Министерството за здравство.
Трансплантацијата ја извршил тим хирурзи предводен од проф. д-р Милан Самарџиски и д-р Александар Трајановски. Во тимот учествувале и д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резеарт Далипи како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски.
Кај момчето е извршена замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво од починат донатор. Ова е прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со донирана коска.
Инаку, здравата коска е добиена со експлантацијата на коскените ткива што се случи на 17 април и е прва од починат донор.
Се работи за органи кои се донирани од семејството на 20-годишната Верица Белчовска од Русиново која настрада во сообраќајна несреќа.
Досега од починатиот донор се трансплантирани срце и два бубрега.