Падот на вработеноста кај овие работници е двојно поголем во споредба со оние на возраст меѓу 25 и 49 години
Пандемијата со коронавирусот предизвика најголем годишен пад на вработувањето во Велика Британија од 80-тите години на минатиот век, а најмногу се погодени работниците над 50 години, покажува последниот извештај на Фондацијата „Резолушн“.
Падот на вработеноста кај овие работници е двојно поголем во споредба со оние на возраст меѓу 25 и 49 години.
Според податоците од истражувањето, откако изгубиле работа, на постарите работници им треба повеќе време да најдат нова работа.
Истражувањето ги повикува властите да работат повеќе на можностите за обука на оние над 50 години.
Би-би-си, повикувајќи се на податоците на Заводот за национална статистика, објави дека во периодот од декември до февруари годинава има 109 000 повеќе невработени на возраст од 50 до 64 години отколку во истиот период минатата година.
Истражувањата покажуваат дека мал број работници на оваа возраст успеваат да најдат работа во следните шест месеци, но и кога ќе ја најдат тие се соочуваат со голем пад на приходот.