Според излезните анкети на албанската телевизија „Топ ченл“, Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама на денешните избори ќе освои мнозинство пратенички мандати во 140-члениот парламент.
Социјалистите, според „Топ ченл“, освоиле 46,9 проценти од гласовите на национално ниво што ќе им донесе 71 пратеник. Опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша, пак, освоила 43,5 отсто односно 63 пратенички мандати. Социјалистичкото движење за интеграција има 6,9 отсто што ќе му донесе само 6 места во парламентот.

Сепак, различни медиуми излегуваат со различни излезни анкети. Според првичните реакции од изборните штабови што ги пренесуваат медиумите, и Рама и Баша веруваат дека ќе формираат влада, но ниту еден од нив досега не прогласи победа.
Денешните парламентарни избори во Албанија беа 9. по ред. Ова се први избори во земјата што се спроведоа во време на пандемија, а се одржуваат во јубилејната 30-та година од падот на комунистичкиот режим во Албанија.
На денешните избори право на глас имаа 3,5 милиони граѓани на Албанија. На изборите учествуваа 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140 места во парламентот се бореа 1 841 кандидати, а од нив 39,7 отсто се жени.